25-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ ДВА ПАТИ СО ПИШТОЛ УКРАЛ 85.500 ДЕНАРИ ОД ФИРМА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ

    25-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ ДВА ПАТИ СО ПИШТОЛ УКРАЛ 85.500 ДЕНАРИ ОД ФИРМА ЗА БРЗИ КРЕДИТИОбвинителството побарало да му биде определена мерка притвор на 25-годишниот скопјанец. (Фото: Архива СДК.МК)

    Дваесет и петгодишен скопјанец е осомничен дека на два пати украл 85.500 денари (околу 1.380 евра) и против него ќе се спроведе истражна постапка за две одвоени кривични дела – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

    Како што вели ОЈО, осомничениот на 15 август годинава извршил разбојништво во просториите на правно лице за брзи кредити во Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје, од каде со закана со пиштол кон вработената одзел вкупно 60.500 денари.

    „Тој влегол во објектот и седнал на едно од столчињата за странки, а кога вработената го прашала колку пари сака, осомничениот извадил пиштол и ѝ рекол да ја отвори касата. Вработената, исплашена за сопствениот живот, од фиоката ја извадила касата, ја ставила на бирото и ја отворила, па осомничениот ги зел сите пари кои биле внатре и избегал. Три дена подоцна, од објект на истото правно лице во скопската Стара чаршија, осомничениот на сличен начин, заканувајќи се со пиштол, го натерал вработениот да го отвори сефот и одзел 25.000 денари. Ја напуштил продавницата, упатувајќи се во правец на Плоштадот Македонија. По пат го фрлил пиштолот од Камениот мост во Вардар, по што избегал во непознат правец. По настанот, осомничениот извесен период бил недостапен за органите на прогонот, бидејќи избегал во Хрватска“, вели ОЈО.

    Обвинителството од судијата на претходна постапка побара да му биде определена мерка притвор, со оглед дека сѐ уште постои висок ризик тој повторно и сега да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, но и веројатност да го повторува делото.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира