Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против производителот на подкаст Б. К. за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Осомничениот 31-годишник, кој бил вработен во образовна установа, а е и претседател на бугарско здружение во Македонија, во периодот од април 2024 до први април 2026 на компјутерските уреди и опрема кои ги користел дома набавувал за себе и поседувал материјали со детска порнографија. Б. К. е од Струга и за него постојат информации дека е претседател на бугарско здружение „Струмичка петорка“. Водител е на подкаст со име Б2 Канал – Почетна пресметка, лоцирано во Скопје.
„Постапката е резултат на предистражни дејствија на јавното обвинителство во координација со СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика Скопје, кои произлегоа по известување од австралиската федерална полиција која пред извесен период спровела акција за откривање на веб-страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа кои содржат материјали од злоупотреба на деца. Австралиските служби спроведоа операција за откривање на корисниците на ИП-адреси кои се обиделе да пристапат до една или повеќе од веб-страниците, при што биле идентификувани повеќе уникатни регистрирани корисници, нивните електронски и ИП-адреси од кои дел во Македонија, за што е испратено известување и до македонските истражни органи“, вели обвинителството.
Се преземаат дејствија на проверки и во Скопје и други градови, со цел детална проверка на сите добиени сознанија.
Основниот суд во Битола му определи 30 дена притвор.
Претресите на седум локации во Македонија ги вршат Секторот за компјутерски криминал при бирото за јавна безбедност (БЈБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со Отсеците за компјутерски криминал при СВР Битола, СВР Охрид и СВР Струмица.
С. К. ДЕЛЕВСКА



