Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара притвор за 57-годишник кој во Општината Ѓорче Петров потпалил сува трева при што изгореле 200 квадратни метри површина. ОЈО поведе постапка за кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи намерно иницирал пожар со кој предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери. За ова кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.
„Синоќа, на улицата Ѓорче Петров, осомничениот 57-годишник со запалена хартија од табла за јајца потпалил сува трева. Со настанатиот пожар биле зафатени и изгорени околу 200 м2 тревна површина, а постоела реална опасност огнот да излезе од контрола и да зафати неограничен круг објекти во населено подрачје“, соопшти Обвинителството.
Од таму велат дека имајќи ја предвид заканата и тежината на кривичното дело за кое е предвидена затворска казна до пет години, јавниот обвинител оцени дека постои ризик осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до Судот достави предлог за определување мерка притвор.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во земјава се активни 9 пожари, меѓу кои и оној во Опшина Чучер-Сандево помеѓу селата Блаце и Чучер, каде два дена гори мешана шума и ниска вегетација и кој утринава е ставен под контрола.
Директорот на дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска кажа дека имало обид намерно повторно да се реактивира пожарот кај Чучер-Сандево, зашто додека пожарникарите го догасувале пожарот нашле фрлени дрвени палети премачкани со бензин.