Новите пет члена на Судскиот совет: Лорета Горгиева, Мирсад Суроји, Киро Здравев, Гордана Спиревска и Зоран Теофиловски дадоа денеска заклетва пред претседателот на Собранието Талат Џафери дека непристрасно и совесно ќе ја извршуваат функцијата.
Зоран Теофиловски од апелационото подрачје Гостивар доаѓа на местото на неговата балдска Александра Зафировска, која во бомбите беше пуштена како чека кај секретарката на тогашниот премиер Никола Груевски да се договорат за избор на судии по оглас што го распишала таа како тогашен претседател на Судскиот совет.
Теофиловски, потврди МВР за САКАМДАКАЖАМ. МК, е пријавен дека во ноември на тетовските гробишта му се заканил, го колнел и му ја пцуел мртвата мајка на апелациониот судија Зоран Герасимовски, затоа што по упатства од Врховниот суд, отфрлил негова тужба против приватно лице. Денеска тој не даде изјава, туку Спиревска во име на петтемина новоизбрани членови на Советот.
Прашана токму за специјалниот извештај на СЈО за четворицата судии кои ја злоупотребиле функцијата, а меѓу кои е и Зафировска, Спиревска вети дека секако ќе се преземе нешто за тоа.
„Јас се надевам дека тоа нема да остане така, нема да остане нешто да тапка во место. Сè ќе се расчисти“, рече таа.
Во Врховниот суд е вработен како стручен соработник синот на врховниот судија Киро Здравев, кој денеска даваше заклетва. Против Здравев беше покрената и постапка за разрешување, за која Судскиот совет не кажа дали е затворена и со каков исход.
Судијката Лорета Горгиева е сопруга Зоран Горгиев, советник на Зоран Заев кога беше градоначалник, а кој сега е директор на комуналното претпријатие на Струмица.
С. К. ДЕЛЕВСКА