КАНДИДАТ ЗА СУДСКИ СОВЕТ ПЦУЕЛ И КОЛНЕЛ АПЕЛАЦИОНЕН СУДИЈА НА ГРОБИШТА ЗА ЗАДУШНИЦА

    КАНДИДАТ ЗА СУДСКИ СОВЕТ ПЦУЕЛ И КОЛНЕЛ АПЕЛАЦИОНЕН СУДИЈА НА ГРОБИШТА ЗА ЗАДУШНИЦАСудијата Зоран Теофиловски, кој пред очевидци му се заканувал, го пцуел и колнел колегата Зоран Герасимовски од Апелациониот суд Скопје оти му одбил тужбено барање, е кандидат за член на Судскиот совет од апелационото подрачје Гостивар и ако биде избран, ќе контролира, оценува, бира и разрешува судии, а изборите се на 10 декември (Фото: Принскрин од видеото за работењето на Судскиот совет на Република Македонија на проектот „Зголемен јавен надзор врз работата на Судскиот совет на РМ“ на Институтот за човекови права)

    Заменикот-претседателот на Апелациониот суд Гостивар, судијата Зоран Теофиловски, зет од сестра на експретседателката на Судскиот совет Александра Зафировска, на трети ноември 2018 му се заканувал пред очевидци, го пцуел и колнел колегата Зоран Герасимовски од Апелациониот суд Скопје, за што е пријавено и во МВР. Случајот за САКАМДАКАЖАМ.МК официјално го потврди МВР, а од Судскиот совет дознаваме дека нападнатиот судија Герасимовски поднел претставка против Теофиловски и во Судскиот совет.

    „Во врска со Вашето барање доставено до Одделот за односи со јавност и стратешки прашања, Ве информираме дека на 03.11.2018 година околу 13,00 часот во Полициска станица Тетово, З. Г. (42) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 11,45 часот, додека одел на гробишта во Тетово, пред влезот на гробиштата, застанало патничко моторно возило „мицубиши“, што го управувал З. Т. (60) од Тетово. Според пријавата, З. Т. преку отворениот прозорец на возилото што го управувал, му упатил повеќе навреди и псовки на З. Г., по што го плукнал и заминал. Пријавениот З. Т. повикан е во Полициската станица Тетово и е предупреден, а настанот е регистриран како ‘Загрозување на сигурноста’ по член 144 ст. 1 и на З. Г. му е дадена правна поука за гонење по приватна тужба“, кажаа од МВР за овој настан.

    Ова известување судијата Зоран Герасимовски испратил и во Министерството за правда.

    Настанот, како што дознаваме, се случил на Задушница, на портата на градските гробишта во Тетово, каде Герасимовски со семејството бил на помен кај мајка си. Според официјалните информации, на судијата Герасимовски, на сопругата и на татко му само што излегле од возилото им се доближил со џипот колегата Теофиловски. Го отворил прозорецот, а Герасимовски го видел и го поздравил.

    „Немој ти мене ‘колега’, гомно смрдено!“, му рекол Теофиловски, по што Герасимовски, мислејќи дека се шегува, продолжил да го прашува како е тој, како се по дома…

    „Немој ти мене како си, да даде Господ да ти се врати ракот, да те сотре тебе, твоите деца и жена ти, да умреш во најтешки маки! Да ти ебам мајката (мртва)! За ова ќе одам во Света Гора и ќе се молам што побрзо да ти се врати ракот, да ти се сотре семето, гомно едно расипано!“, му се изнавикал на гробишта Теофиловски на колегата, за кого во Апелациониот суд Скопје велат дека боледува од тешка форма на карцином и уште се лекува.

    Според претставките, кога нападнатиот судија  Герасимовски  прашал зошто сите тие навреди и закани, Теофиловски го плукнал во челото колегата и го прашал: „Кој си ти бе, да судиш против мене? Знаеш ли кој сум јас и што можам да ти направам?“ Го нагазил џипот и се оддалечил од судијата, неговата сопруга и таткото.

    Судијата Зоран Теофиловски е кандидат за член на Судскиот совет од апелационото подрачје Гостивар и ако биде избран, ќе контролира, оценува, бира и разрешува судии. Изборите се на 10 декември.

    Судијата Зоран Герасимовски беше службено отсутен и поконкретни информации за овој случај не добивме. Според претставките поднесени до надлежните органи, во позадината на нападот стои одлука на Герасимовски за клевета и навреда каде тужител бил Теофиловски во Основниот суд Тетово – граѓански оддел, каде работел пред да биде избран за судија во Скопска апелација. Следејќи ги упатствата од Врховниот суд за тој случај, Герасимовски тогаш му го одбил тужбеното барање на колегата Теофиловски како неосновано.

    Пред да го плукне и да одвози со џипот, Герасимовски му одговорил на заканите:

    „Постапив согласно напаствијата од Врховниот суд, кои се задолжителни и знаеш добро дека ме обврзуваат“.

    На ова Теофиловски, според пријавата, му одговорил уште пожестоко:

    „Каков Врховен суд! Јас сум за тебе Врховен суд и ќе правиш јас што ќе ти кажам! Ќе видиш ти што ќе ти се случи тебе!“

    Го плукнал, си отишол со голема брзина, очевидците дојдени тој ден на Задушница го виделе целиот настан.

    Според очевидците, судијата Герасимовски не возвратил и немал кога да возврати на заканите на заменик-претседателот на Апелациониот суд Гостивар, но веднаш отишол во Тетовската полиција и го пријавил случајот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира