СЕ ПРАВИ НОВ ПРОЕКТ ЗА ПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ ОТИ СПОРЕД СЕГАШНИОТ ТРАСАТА МИНУВА НИЗ ГРОБИШТА

    СЕ ПРАВИ НОВ ПРОЕКТ ЗА ПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ ОТИ СПОРЕД СЕГАШНИОТ ТРАСАТА МИНУВА НИЗ ГРОБИШТАСегашниот проект за патниот правец Скопје-Блаце не ги задоволува безбедносните стандарди, кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. (Фото: М. Златевска)

    Со 1,2 милиони евра обезбедени од грантови ќе се прави нов проект за доизградба на патниот правец Скопје-Блаце, кое треба да заврши до ноември годинава. Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски рече дека решиле да го препроектираат овој патен правец со решение за автопат, бидејќи сегашниот проект не ги задоволува безбедносните стандарди за одвивање на безбеден сообраќај и транспорт.

    „Дел од трасата минува низ гробишта, дел низ зоната во Визбегово и за да немаме такви проблеми решивме да го препроектираме. Изработката на проектот треба да заврши до ноември по што веднаш ќе распишеме тендер и ќе почнеме со работа. Станува збор за изградба на 13 километри патен правец“, кажа Сугарески.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека утре ќе разговараат за понуда од компании да направат препроектирање и изведба во едно и ако тоа се прифати да може да стартува работата уште ова лето.

    „Со ова сакаме да покажеме дека доизградбата на овој патен правец за нас е многу важен за развој на трговската размена со Косово“, кажа Заев.

    Годинава државата ќе вложи 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта, најави Заев, кој кажа дека дел од потребните пари се обезбедени од буџетот, дел од Јавното претпријатие за државни патишта, дел од Светската банка, дел од Европската банка за обнова и развој и дел од ИПА2 програмата.

    „Годинава планирана е офанзивна изградба и реконструкција на 60 патни правци, или 800 километри патна инфраструктура. Со 20 милиони евра од ЈП за државни патишта ќе бидат обновени и изградени 230 километри регионални патишта. Годинава ќе заврши изградбата на патните правци Демир Капија-Смоквица и Миладиновци Штип. Од Европската банка за обнова и развој обезбедени се 68 милиони евра за изградба и обнова на 422 километри патна инфраструктура. А веќе ова лето ќе почне рехабилитација на 14 патни правци. Дел од овие проекти се почнати, дел ќе завршат оваа година, а дел ќе се работат следните неколку години“, рече Заев.

    Тој кажа дека со изградба на патиштата ќе се обезбедат вистински услови за безбеден транспорт, што е многу важно за економски раст.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира