Во тек е целосна реконструкцијата на превојот Пресека во должина од 11 километри на патот Кичево – Охрид. Патот на превојот Пресека е уништен и со многу дупки иако е главна артерија за спојување на Кичево со Охрид и Струга.
„Се работи за проект за рехабилитација на 11 километри патен правец, што е од огромно значење за подобрување на безбедноста во патувањето и ќе го олесни поврзувањето на главниот град со Охрид и Струга“, вели министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Тој вчера на увид на градежните работи на автопатот Охрид-Кичево кажа дека се изведуваат сложени инженерски и градежни зафати и ова за прв пат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем.
„Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение. Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект. Сега се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани”, кажа Николоски.



