СÈ УШТЕ НЕ Е ПОДНЕСЕНА КРИВИЧНА ПРОТИВ „КОНТИ“, ДА СЕ ВНИМАВА ПРИ ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ПИРАМИДАЛНИ ШЕМИ, АПЕЛИРА ТОШКОВСКИ

    СÈ УШТЕ НЕ Е ПОДНЕСЕНА КРИВИЧНА ПРОТИВ „КОНТИ“, ДА СЕ ВНИМАВА ПРИ ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ПИРАМИДАЛНИ ШЕМИ, АПЕЛИРА ТОШКОВСКИ„Конти“ е апликација преку која нејзините членови наводно заработуваат пари со гледање промоции на филмови и трејлери. (Фото: МЕТА)

    Граѓаните да внимаваат при инвестирањето во потенцијални пирамидални шеми, каква што се смета дека е апликацијата „Конти“, апелираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој рече дека е свесен за случајот со „Конти“, но дека сè уште нема официјално поднесена кривична пријава за апликацијата.

    „Согласно информациите коишто ги добив утринава за овој потенцијален кривично-правен настан, кривична пријава официјално не е поднесена. Но, морам да изразам една огромна загриженост за ваквиот тип на пирамидален, инвестициски, финансиски потенцијален криминал којшто се случува по не знам кој пат во Македонија. Од страна на службите бев информиран дека многу слична апликација за измама на граѓани била констатирана и во 2022 година“, рече Тошковски, одговорајќи на новинарско прашање за „Конти“ на прес-конференција по повод 100 дена нова Влада.

    „Конти“ (Conti) е апликација преку која нејзините членови наводно заработуваат пари со гледање промоции на филмови и трејлери. Но, вистината е дека парите доаѓаат од новите членови а завршуваат кај оние што се на врвот на пирамидата, односно што влегле во „шемата“ порано. Вчера почна да се зборува за апликацијата по социјалните мрежи откако загасна група на Телеграм со околу 14.000 македонски членови на „Конти“. Корисниците во групата се жалеле дека веќе немале нови приливи од „Бајненс“ (Binance) – платформа за тргување со криптовалути.

    Министерот апелираше граѓаните да внимаваат при инвестирањето во вакви потенцијални пирамидални шеми, да се консултираат со експерти од областа и да се обратат до Министерството за внатрешни работи (МВР), каде има експерти кои би можеле да им дадат на граѓаните процена за тоа дали станува збор за пирамидална шема.

    „Сите оние коишто учествувале како жртви во овој потенцијален кривично-правен настан ги повикувам да обратат до МВР, со цел да можеме да го истражиме соодветно и да постапиме согласно нашата дејност“, апелираше министерот за внатрешни работи.

    Според сторијата на МЕТА.МК со изјави од корисник на „Конти“ за тоа како функционира апликацијата и кој стои зад неа, по користењето на оваа апликација некој излегува побогат, а некој за стотици, па дури и илјадници евра посиромашен. Некој се навлекува во пирамидалната шема и вложува сè што има со сиот ризик, некој клика внимателно. Во секој случај, влогот е преголем, особено за жителите на Кавадарци, Радовиш и Велес, кои со месеци се навлечени на оваа пирамидална шема, која функционира со плаќање во криптовалути.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира