Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Софија кажа дека не прифаќа квалификации дека ја попречува стабилноста на регионот, одговарајќи на новинарско прашање зошто ги дестабилизира Македонија и регионот со противењето на договорот за името со Грција на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Румен Радев.
„Не прифаќам квалификации дека јас сум попречувал стабилност на регионот, се знае кој е тој што сиве овие години ја доведува состојбата во Македонија во ваква состојба. Се знае кој ја блокира Македонија. Бидете умерени во вашите квалификации и не потпаѓајте под туѓи влијанија“, кажа Иванов.
Претседателот Ѓорге Иванов изјави и дека Бојко Борисов зазема страна, откако бугарскиот премиер му ја откажа средбата закажана за утре во Софија. Иванов денеска се сретна со бугарскиот Румен Радев, а утре требаше да се сретне и со вицепремиерката и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, која, исто така, ја откажа посетата.
„Тоа е негова одлука и негова одговорност. Со овој негов гест тој зазема страна. Борисов не е само премиер на Бугарија, туку е и претседавач со ЕУ. Но, со овој гест тој учествува и не ја разбира главната цел на претседателствувањето. Европската Унија апелира за дијалог, а некој бега од него“, изјави претседателот Иванов, одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуката на Борисов да не се сретне со него.
Според бугарскиот весник „24 часа“, Борисов бил многу лут поради арогантниот однос на Иванов, кој вчера ја напушти средбата со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров за договорот за името, како и за неговото противењето на Договор за добрососедство со Бугарија.