СЕДУММИНА ОБВИНЕТИ ПРЕД СУДОТ ПРИЗНАА ДЕКА БИЛЕ БОРЦИ НА ИСИС ВО СИРИЈА И ИРАК

    СЕДУММИНА ОБВИНЕТИ ПРЕД СУДОТ ПРИЗНАА ДЕКА БИЛЕ БОРЦИ НА ИСИС ВО СИРИЈА И ИРАКВо август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, обвинетите беа лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот. (Фото: МВР)

    Седуммина македонски државјани, обвинети за кривичното дело Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, а еден и за кривичното дело Терористичка организација, ги признаа делата што им се ставаат на товар денеска во Основниот суд Скопје 1, соопшти Јавното обвинителство.

    „Обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација ’Исламска држава‘“, соопшти обвинителството.

    Во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, обвинетите беа лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот. По спроведена истрага, во декември минатата година од страна на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, беше поднесено обвинение против седум лица.

    „Освен учество во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Република Македонија“, додаваат од обвинителството.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари