СЕДУММИНА ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ПОТЕШКА СОСТОЈБА

    СЕДУММИНА ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ПОТЕШКА СОСТОЈБАЕкипи од здравствените домови почнаа со теренска вакцинација по прогласување на епидемија на мали сипаници во целата земја (Фото:СДК.МК)

    Седуммина заболени од мали сипаници се во потешка здравствена состојба, од кои шест на Клиниката за инфективни болести и едно дете на одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести. Останатите кои се хоспитализирани во овие две здравствени установи и во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

    „Во моментов се хоспитализирани 36 лица, од кои 17 возрасни и 19 деца. На механичка вентилација е 16-годишно дете со церебрална парализа, морбили и масивна пневмонија. На одделите има тројца возрасни и две деца со потешка клиничка слика, како компликации од морбили. Во тек на вчерашниот ден прегледани се 10 пациенти од кои 8 се примени на болничко лекување“, велат од Клиниката за инфективни болести.

    На Клиниката за детски болести покрај детето што е на респиратор има уште десетина други болни од морбили, и како што велат од Клиниката постојано се примаат нови и се пуштаат оние на кои им поминало лекувањето.

    Во институтот за белодробни заболувања кај децата Козле има 7 деца болни од морбили, а едно дете во текот на овој ден е пуштено на домашно лекување.

    Откако минатата недела беше прогласена епидемија на морбили низ целата земја, здравствените домови почнаа и со теренска вакцинација на невакцинираните деца во училиштата.

    Здравствен дом Скопје и денес спроведува теренска вакцинација во 13 училишта во Скопје и во еден центар за згрижување деца.

    „Денес треба да вакцинираме 360 деца во училиштата а во центарот за згрижување немаме податок колку има невакцинирани и при самата теренска вакцинација ќе се утврди дали има такви. Првиот ден од теренската вакцинација од предвидените 480 деца беа вакцинирани 25, вчера од предвидените 410 деца беа вакцинирани 19, односно толку родители се одзваа на поканите. Во текот на вчерашниот ден во нашите диспанзери вакцинирани се над 100 деца“, вели директорот на Здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ.

    Според податоците од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство од почетокот на епидемијата во Скопје досега вакцинирани се над 20.000 деца, кои претходно не биле вакцинирани со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит).

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира