Месечно секое домаќинство троши 1.010 денари за здравство, или 298 денари по лице, и покрај тоа што Македонија има универзална опфатеност на населението во системот за здравствено осигурување. Половина од овие пари се за лекови.
Според анкетата спроведена во рамки на проектот „Универзално здравствено осигурување во Република Македонија-ефекти од спроведување на проектот Здравствено осигурување за сите“, граѓаните и покрај тоа што се здравствено осигурени преку Фондот за здравствено осигурување од свој џеб за здравство годишно извојуваат 34 отсто од трошоците, а 49 отсто од нив се за набавка на лекови.
Експертите кои работеа на студијата , изработена во рамки на проектот „ФИСКАСТ+“ на невладината „Фајненс тинк“, а финансиски поддржана од владата на Велика Британија, велат дека државата треба да направи дополнителни анализи на што се должи тоа и да преземат мерки за да го заштитат населението од дополнителни финансиски трошоци, кои во некои случаи може да ги турне во живот под прагот на сиромаштија.
Владимир Димковски, економски експерт кој работеше на студијата, вели дека овие податоци од студијата треба да се земат со резерва, со оглед на тоа што нема национални здравствени сметки и анализата е правена според податоците од Државниот завод за статистика.
„Приватните трошоци се присутни и во најразвиените и најдарежливи системи, но се значајни за властите бидејќи се индикатор за финансиската заштита на населението при користењето на здравствената заштита. Приватните трошоци, кои во случајот на Македонија изнесуваат 34 отсто, покажуваат дека населението покрај тоа што има здравствено осигурување, во еден дел, се одлучува да плаќа за здравствени услуги во приватниот сектор, да набавува и да доплаќа за лекови од свој џеб.Објаснувањата на ваквите појави во здравствените системи се дека од една страна тоа е резултат на незадоволството и условите од услугите обезбедени од задолжителното здравствено осигурување, пред се во јавниот сектор. Но, на тоа влијае и маркетингот во здравствениот сектор, со кој преку различните канали приватните субјекти во системот, влијаат врз населението. Оттука дури и поранливите слоеви од популацијата се одлучуваат за скапите приватни услуги или лекови, иако вредноста на овие услуги ги надминува нивните семејни буџети“, вели Димковски.
Симулацијата зошто граѓаните дополнително плаќаат за лекови, покажува дека дел од овие средства се за партиципација, која во Македонија не е многу висока.
„Доплатата за лекови учествува со 12 отсто од вкупните приватни средства, што е поврзано со разликата меѓу референтната цена и различните единствени цени на лековите во една генерика. Годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување за 2016 година покажува дека 75,4 отсто од генериките имаат барем еден лек што е без доплата. Сепак овој процент покажува дека населението се одлучува да додаде финансиски средства и да го набави поскапиот лек. Во овој дел Фондот треба да вложи напори да го зголеми бројот на генерики што ќе имаат барем еден лек без доплата и да ги зајакне механизмите за промовирање на ваквите лекови кај лекарите и фармацевтите“, рече Димковски.
Дел од парите што луѓето дополнително ги трошат за лекови се должи и на квотите на аптеките како систем на контрола и распределба на јавните средствата за лекови и дека има простор за подобрување. На крај се лековите што не се позитивната листа на лекови кои во приватните трошоци на граѓаните учествуваат со 26 отсто. Според експертите за овие лекови треба да се отвори прашањето за воведување на систем на приоритети и постепено обновување на позитивната листа врз основа на фармаколошко-економски анализи.
„Анализата е потребна за да каже кои се тие лекови што се купуваат приватно и да се испитаат причините за тоа дали, можеби, станува збор за антибиотици и антидепресиви за кои без медицинска препорака се зголемува ризикот од нивна непотребна употреба. Потоа дали станува збор за несоодветна дијагноза на состојбата до страна на самите лица, или за лекови што не се на позитивна листа, што би користело при ревидирање на позитивната листа, или се приватно купени лекови што се на позитивна листа, а за кои немало квоти во аптеките и лицата биле присилени да ги платат приватно“, стои во студијата на „Фајненс тинк“.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2015 година 2,1 процент од населението кажале дека имале здравствена потреба што не ја обезбедиле од финансиски причини.
„Од анкетата за катастрофалните трошоци за здравство што може да ги има едно семејство, дојдовме до податоци дека 1,89 отсто од луѓето се соочиле со расходи за здравство повисоки од 25 проценти од вкупните расходи на домаќинството. Трошоци за здравство повисоки од 40 проценти од остатокот на средствата на домаќинството имале 2,24 отсто од луѓето. Притоа од анализата на овие домаќинства со катастрофални трошоци за здравство, се забележува дека најголем дел од нив или 75 проценти имаат вкупна потрошувачка повисока од своите вкупни приходи. Останатите лица или немале трошоци за здравство или пак нивните трошоци биле пониски од пет отсто“, стои во студијата.
Рубинчо Заревски, поранешен директор на ФЗОМ и еден од експертите кои работеа на студијата, на јавната дебата за студијата која се оддржа овој месец, кажа дека потребни се промени и во позитивната листа на лекови, бидејќи последните седум години не е ставен ниту еден нов лек на товар на ФЗОМ, а дека е потребна и анализа дали методологијата по која се утврдуваат референтните цени на лековите е ссоодветна. Според него здравствениот систем досега не е поставен на развоен модел и дека во случај на отсуство на соодветна контрола за тоа како се троши здравствениот денар, зголемување на процентот на здравственото осигурување што го плаќаат граѓаните нема да ја подобри состојбата.
„Претходната власт постојано изглегуваше со податоци за колку ги намалиле цените на лековите, но во практика беа намалени цени на лекови што или веќе не се увезуваат и користат кај нас, или дози од лековите кои малку се користат. За сметка на тоа пак пораснаа цените на лековите, кои граѓаните повеќе ги користат. Од друга страна пак за седум години зголемен е процентот на лекови пропишани од лекарите за 119 отсто. За да имаме ефективно здравство потребно е да најдеме издржлив модел на менаџирање на парите што одат во здравствената каса“, кажа Заревски на јавната дебата за студијата.
Според студијата бројот на осигуреници во Македонија се движат од 1,74 милион до 1,96 милион или во однос на проценетиот број на населението од 85 проценти до 96 проценти. Државата го плаќа здравственото осигурување за околу 250.000 лица, кои се сиромашни, а според експертите тоа е скоро двојно помалку или 880 денари, од она што е реален трошок во здравството за овие лица, или 1.500 денари месечно.
„Македонија има универзална здравствена опфатеност на населението. Исклучок се само проценетите 500 лица без лични документи, што претставуваат поширок општествен проблем. Државата и земјодлеците плаќаат придонес за здравствено осигурување, значајно понизок од пресметките за просечниот трошок за здравство. Сметаме дека барем изедначувањето на придонесот од државата со фактичкиот трошок значајно би влијаел во квантитетот и квалитетот на здравствените услуги, а оттука и врз намалување на висината на приватните средства за здравството што ги трошат граѓаните“, вели Димковски.
Студијата укажува дека државата плаќа осигурување на 25 отсто од населението кое се пријавило за сиромашни, а според статистичките податоци 21 отсто од населението жеивее под прагот на сиромашрија. Студијата препорачува државата да ги зајакне своите контролни механизми и да провери дали станува збор за злоупотреба на системот или за неревидирани податоци.
„Државата плаќа скоро двојно помалку од нашите пресметки за просечниот трошок за категоријата на осигуреници што се нејзин товар, а пакетот на услуги што се на товар на Фондот е доста широк. Првата опција, на која даваме поголема важност е задржување на единствениот пакет и обезбедување на поголеми фианансики средства од државата што ќе бидат во висина на просечниот трошок во здравството. Вториот пакет преку исклучување на некои од животно не загрозувачките услуги, го отвораме како опција ако фискалниот капацитет на државата е ограничен во обезбедувањето на повеќе финансиски средства. Овие опции се дел од оние што се во насока на одржување на финансиската одржливост на системот и дестимулирање на злоупотреби“ вели Димковски.
Е.БОЧВАРОСКА