СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ ПОБАРАА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА ПО МОДЕЛОТ НА НОВ ЗЕЛАНД НА МАРШОТ НА ЦРВЕНИТЕ ЧАДОРИ

    СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ ПОБАРАА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА ПО МОДЕЛОТ НА НОВ ЗЕЛАНД НА МАРШОТ НА ЦРВЕНИТЕ ЧАДОРИСексуалните работници побараа декриминализација на нивната работа, но не и легализација. - Маршот на црвените чадори започна од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза (Фото: Ѓ. Личовски)

    Традиционалниот марш на сексуалните работнички за нивните права се одржа денеска по десетти пат под мотото „Декриминализација сега“.

    Маршот на црвените чадори започна од пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Тие побараа декриминализација на нивната работа, но не и легализација.

    „Нашата порака за декриминализација, не значи легализација. Декриминализацијата значи уредување на правата сексуалните работнички и уредување на социјалната и здравствената грижа. Повикуваме да се разгледа моделот на декриминализација од Нов Зеланд. Модел кој препознава работнички и сексуални права на сексуалните работнички. Она што општеството го бара, системот има обврска да го згрижи“, изјави претставничка на сексуалните работници.

    Тие велат дека продаваат љубов, но добиваат ќотек, дека многу пати сакале да пријават во полиција дека биле жртви на разно насилство, но им биле земани телефоните.

    „Не постои волшебно стапче да се искоренат. Општеството има потреба од нив. Сите знаат каде можат да купат љубов, но молчат. Сексуалните работнички се втурнати на дното и се принудени да работат во услови како на крими филмовите. Потребни сме на системот за другите да ги остварат своите права“, вели една од сексуалните работнички.

    Традиционалниот марш на црвените чадори се организира во рамките на кампањата по повод 17 Декември, меѓународен ден за Стоп на насилството врз сексуалните работници.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари