СЕЛА НЕ Е УБИЕН САМО ЗАТОА ШТО ТЕПАЧИТЕ МИСЛЕЛЕ ДЕКА Е МРТОВ, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    СЕЛА НЕ Е УБИЕН САМО ЗАТОА ШТО ТЕПАЧИТЕ МИСЛЕЛЕ ДЕКА Е МРТОВ, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛСо големо присуство на јавноста и бројни обвинети и сведоци, во Основниот суд Скопје 1 денеска почна судењето за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април лани. (Фото: М. Златевска)

    Единствената причина поради која пратеникот Зијадин Села не е убиен е тоа што не давал знаци на живот, па сите мислеле дека е мртов, кажа јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Дарко Јакимовски, презентирајќи го обвинението за десетмината обвинети за убиство во обид на лидерот на Алијанса за Албанците на 27 април во Собранието.

    „Во овој случај, доказите ќе покажат дека во моментите кога нападот и тепањето го достигнале екстремот единствена околност за спас на оштетениот Зијадин Села не е колебањето на тепачите, туку фактот дека не давал знаци на живот и сите мислеле дека е мртов. Сите повреди на оштетениот му се нанесени на главата и најмалку две се животно загрозувачки“, рече обвинителот.

    Обвинителството кажа дека кривичното дело ќе го докажат преку фотографии, видео снимки и искази на сведоци.

    Адвокатите на обвинетите во нивно име се изјаснија дека тие не се виновни за кривичното дело за кое се обвинети. Дел од адвокатите кажаа дека нивните клиенти не нанеле повреди кои биле животно загрозувачки, а за дел од обвинетите дека воопшто не учествувале во нападот на Села.

    „Мојот клиент Коста Делов не ги презел дејствија за кои се обвинува. Тој сакал само да се пофали на Фејсбук дека на 27 април бил во Собранието. Врз основа на тоа е покрената истрага“, рече адвокатот.

    Адвокатот на обвинетиот Александар Јаневски кажа дека неговиот клиент бил тој кој го заштитувал и му помагал на Села, а не дека го стори кривичното дело тоа му става на товар.

    Сите обвинети се изјаснија дека се чувствуваат невини за делото за кое се обвинети.

    Наредното рочиште за нападот врз Зијадин Села е закажано за 8 февруари. Тогаш како сведоци повикани од ОЈО ќе бидат и Села, вештаци од Институтот за судска медицина и двајца сведоци кои биле присутни во Собранието на 27 април.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира