Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека новото име е формално-правна реалност и Северна Македонија како одговорна земја ги исполнува меѓународните обврски, во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Сепак, како што кажа претседателката, членството во ЕУ, заради кое го сменивме името, не само што не се оствари, туку сега се соочуваме со уште нов „последен услов“ за почеток на преговорите.
„Новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Сепак, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се соочуваат со нов повторно последен услов за уште една уставна измена, но сега не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по вторпат. За нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, постојано охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: ‘уште само овој услов“, ‘уште само оваа отстапка’, ‘уште само оваа уставна измена’“, кажа Сиљановска-Давкова.
Претседателката рече дека од соседите очекуваме разбирање и соработка со нашите, без закана со вето.
„Каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, со други зборови, нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија“, рече претседателката, додавајќи дека од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија.