Додека демонстрантите ја бојат зградата на Собранието, а странските претставници со лидерите на македонските партии бараат законски начин како да го соберат Парламентот и да ги одложат изборите, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски отпатува за Рим, на ауденција кај папата Фрањо, по повод празникот Кирил и Методиј.
Тој денеска, пред да замине за Ватикан испрати соопштение дека останува на ставoт дека нема уставна можност повторно да се свика Собранието.
„Ставот на Вељаноски е познат, нема уставна можност за повторно да се свика Собранието“, соопштија од неговиот кабинет.
По писмото што вчера Државната изборна комисија го упати до Вељаноски, а со кое го информира дека во одредени изборни единици има отстапување за повеќе од 5 отсто според бројот на гласачи, од кабинетот на собранискиот спикер информираат дека писмото од ДИК е само информација и дека Собранието нема обврска да презема какви било чекори.
Државната делегација замина за Ваткан порано, наместо на 24 мај, бидејќи папата Фрањо имал обврски, а за поместувањето на датумот се согласила и бугарската делегација.
Маршот на Шарената револуција денеска заврши пред Собранието за, како што велат организаторите, да ги потсетат пратениците дека треба ги слушаат граѓаните, а не партиските лидери.
„Државната изборна комисија констатираше дека нема услови за фер избори. Тоа што сите ние го знаевме, но брзите прсти на пратениците послушници го игнорираа, па го распуштија Собранието. Ќе ве ‘поздравиме’ денеска за да ве потсетиме дека треба да си го расчистите ѓубрето што го оставивте со вашата неодговорност.“, пишуваше во најавата за денешниот протест.