Платното што денеска беше поставено по целата должина на Порта Македонија вечерва беше скинато од антивладините демонстранти и тие повторно ја обоија Триумфалната капија како симбол на Шарената револуција.
Демонстрантите пред тоа го обоија Министерството за правда.
Движејќи се кон Собраниетона чело на маршот носеа кукли облечени во затворски облеки. На главите на куклите беа ставени ликовите на политичарите кои се помилувани од претседателот Ѓорге Иванов за можни кривични дела што се водат во Специјалното јавно обвинителство.
Пред Собранието се пуштаа снимки од бомбите. Поради силниот дожд во Скопје демонстрациите вечерва завршија порано од вообичаеното.
Порта Македонија во центарот на Скопје од денеска во целата должина беше покриена со бели проѕирни платна.
Директорот на Музејот на македонската борба Бранислав Светозаревиќ изјави дека станува збор за подготовки за чистење на мермерот и дека била направена комисија со Националниот конзерваторски центар за да најдат начин како да се исчисти овој мермер.
На прашањето што ќе прават со платната ако се обојат пак, Светозаревиќ изјави: „Тоа Сорос дава пари за идеи. Ние сме за чистење и градење, за друго си има полиција и судови, а јас не сум доктор да ги лечам тие луѓе“.
Управа за заштита на културното наследство упорно повеќе од две недели не одговара на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали, кога и зошто Порта Македонија е заштитена како споменик на културата.