Барањето за изземање на в.д. шефот на Обвинителството за организиран криминал Златко Биковски, кое судијата Дијана Груевска – Илиевска на денешното рочиште против лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Поткуп“ го адресираше до Републичкото обвинителство, пак се врати кај Биковски.
Токму ова Обвинителство, кај што шефува Биковски, во рок од три дена ќе одлучи дали тој ќе остане застапник на обвинението, или не.
Биковски е поранешен обвинител за случајот „Пуч“ против Заев, се до преземањето на надлежноста од страна на Специјалното обвинителство. Тој денеска се појави во средината на судскиот процес, откако одбраната на Заев поднесе доказ дека на Владимир Милошевски, според објава во Службен весник, мандатот за обвинител за организиран криминал му истекол уште на 30 ноември лани.
По паузата, во судницата влезе Биковски, за кого одбраната веднаш побара од Судот негово изземање. И обвинетиот Заев стана и му се обрати на Судот дека се сомнева во неговата непристрасност, бидејќи, како што рече, постојат докази дека е дел од злосторничко здружување кое од исклучително политички мотиви, злоупотребувајќи ја институцијата Јавно обвинителство, го монтирале случајот „Поткуп“ против него. Заев уште еднаш обвини дека и обвинителот за кого денеска се откри дека бил со истечен мандат од поодамна, е во истото злосторничко здружување, како што рече, заедно со Биковски.
Потсети и оти СЈО отвори предистражна постапка по поднесена кривична пријава, за да ги испита доказите и сведоштвата во пријавата, за монтирање на случајот со наводниот поткуп што го барал Заев од струмички бизнисмен за приватизација на градежно земјиште.
Ни денеска обвинителот со истечен мандат Милошевски не им одговори на Заев и на неговите адвокати, како истече снимката од ПИ-мерките на која тече разговор меѓу Заев и струмичкиот бизнисмен, кога таа снимка ја имал и одговарал за неа само тој и евентуално судијата во претходна постапка.
Судењето за поткуп во доцните попладневни часови беше презакажано за 23 февруари.
С. К. ДЕЛЕВСКА