Обвинителката Фатиме Фетаи од поранешното СЈО, како последен говорник на Јавната расправа за Законот за јавно обвинителство, побара поголеми овластувања за шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, но и за да се избегне политичкиот избор, на интервјуата да присуствуваат и новинари и претставници на Канцеларијата на ЕУ, за да се види колку кандидатите се способни.
Таа бара во Законот за Јавно обвинителство да бидат воведени две работи:
Прво, според Фетаи, обвинителот за организиран криминал и корупција треба да постапува и пред Основен и пред Апелационен суд.
„Со Виш обвинител пред Апелација, постапката ќе се успори, а можноста за влијание во неа се зголемува. Не може тој да застапи издржан правен став пред судот, како што би го направил тоа основниот обвинител, кој си го знае предметот од „раѓање’“, рече Фетаи.
Фетаи побара построги критериуми за избор на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, бидејќи, како што рече, Македонија е мала и секој со секого се знае.
„Првин во постапката за избор на шеф да биде вклучена и Канцеларијата на ЕУ во Скопје, преку мониторинг. Јавноста да биде максимално вклучена, не само со објавување на биографиите на кандидатите, туку ако треба и на интервјуа. Да види јавноста дали обвинителот знае да се изразува или не“, предложи Фетаи.
Расправата продолжува утре.
С. К. ДЕЛЕВСКА