Собранието денеска ја започна расправата за избор на нов државен обвинител, каде како предлог на Владата беше претставен Ненад Савески, актуелен судија за организиран криминал и поранешен обвинител.
Откако го образложи владиниот предлог, вицепремиерот Александар Николоски обвини за долгогодишен политички прогон врз членовите на неговата партија. Тој рече дека три илјади луѓе од ВМРО-ДПМНЕ биле мета на малтретирање и дека Специјалното јавно обвинителство, кое било формирано за таа цел, завршило со корупциски скандал.
Вицепремиерот кажа дека сегашната заменичка генерален секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, имала план преку судски одлуки да го забрани дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ и да ја прогласи партијата за терористичка организација.
„Оваа што е генерален секретар на НАТО целта ѝ беше со судска одлука да го затвори ВМРО-ДПМНЕ и да го прогласите за терористичка организација“, рече Николоски.
Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска му одговори дека ваквиот настап на Николоски само ја потврдува нивната загриженост за независноста на правосудството. Таа рече дека вицепремиерот е фокусиран единствено на одбрана на Никола Груевски и дека намерата на новата власт е да воспостави целосна контрола врз правосудните органи. Тренчевска додаде дека граѓаните уште се сеќаваат на периодот на заробена држава под претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и дека сега се повторуваат истите обиди за партиско мешање во правдата.



