Кривичниот суд денеска го осуди Миле Јовановски, таткото на Бојан Јовановски-Боки 13, на шест месеци затвор за физички напад на неговиот сосед, свештеникот Виктор Стојчев. Тој на минатото рочиште, како обвинет призна дека на Божик во 2017 година го тепал со боксови и клоци Стојчев и оти му нанел тешки телесни повреди.
„Го признавам делото, иако не во целост. Никој не вршеше притисок врз мене да признаам. Да, во целост ќе ја платам штетата на оштетениот“, одговараше тогаш Јовановски на прашањата на судијката Александра Ристевска.
Оштетениот Стојчев, дојден во мантија, најави дека ќе бара отштета од Јовановски во граѓанска постапка.
Настанот се случил на 7 јануари 2017, во дворот на оштетениот Стојчев. Според обвинителството, кога попот стигнал со неговиот џип со бугарска регистрација, почнал да свири бидејќи било паркирано друго возило. Потоа се појавил Боки 13 и го препаркирал возилото. Но, од соседната куќа се појавил татко му Миле Јовановски кој ја отворил вратата од џипот на Стојчев и почнал да го удира со десната рака со тупаници. Откако попот излегол од возилото, Миле продолжил да го удира со нозете, по што попот паднал на земјата. Напаѓачот паднал врз попот и продолжил да го мава. На попот му бил скршен клучниот зглоб од левата нога.
С. К. ДЕЛЕВСКА