Формиран во септември 2018 година со идеја и поддршка од амбасадата на САД во Македонија, Судско-медиумскиот совет каде новинарите и судиите за првпат седнаа на една маса за да ги решат проблемите со недоволната транспарентност на третата власт, ја тера успешно шестата година.
Како единствено судско-новинарско тело од ваков вид во Европа, но најмногу поради постигнатите резултати и решени проблеми кои се испречуваа во новинарските известувања од судниците, Судско-медиумскиот совет (СМС) со пофални зборови е нотиран во извештаите на ЕУ за Македонија, како и во извештаите на Стејт департментот.
Советот во овие пет ипол години од постоењето се избори за активирање на портпаролите во судовите во апелационите подрачја Гостивар, Битола и Штип, по примерот на Скопското апелационо подрачје. На „турнеите“ на членовите на СМС во овие запустени судови без нормален контакт со новинарите и јавноста, водич беа токму новинарите од тие градови, кои мака мачеа да добијат информација од судовите.
Во години кога драстично паѓа довербата во судството и скоро допира до нулата, разочарувачки беше да се чуе од колегите дописници дека од некои судови биле терани да праќаат прашања по факс или преку писмо, во коверт и преку пошта.
Но, седнаа членовите на Советот и претседателите на судовите и за месец-два проблемот се реши, се назначија лица за контакт во секој суд, соопштенијата зачестија, граѓаните полека лично на судските веб-страни или преку новинарски текстови и тв-прилози, почнаа да се запознаваат со работата на судиите.
Иако сè уште не во сите судови во Македонија, но во повеќето сега се снимаат воведните зборови во судењата од јавен интерес, завршните зборови, изрекувањето на пресудите. Со многу труд и искрена желба, судиите научија дека нивен најголем интерес е она што го работат, да им го доближат на граѓаните. Да не зависат новинарите од лични релации со судиите за да дојдат до информација, туку информациите да се достапни до сите. Во спротивно, нечесните судии во нивните редови ќе продолжат да го рушат имиџот на судството и за него ќе се збори само за лошо.
Преку иницијатива од засегнат медиум, Судско-медиумскиот совет даде мислење дека при изрекувањето на пресудите во живо, кога се слуша името и презимето на осудениот, во преточен текст, идентитетот не може да се сокрие. Но упати совет до сите новинари, ако таквата пресуда е само во прв степен, т.е. неправосилна, да се нагласи тоа.
Стигна и друга иницијатива, од обвинителка, која упати забелешка за предеталното пренесување изјави на сведоци во новинарски текстови и прилози, што за неа е загрозување на доказната постапка. Членовите на Судско-медиумскиот совет одлучија дека кога седницата е јавна, ниту судот, ниту законите дозволуваат интерперетација на тоа што и во кое време смее да се објавува. Но и совет за да останат обвинителите во контакт со новинарите и по исклучок да бидат консултирани за случаи каде што навистина со таквото известување би наштетиле на постапката.
По двегодишните претседателски мандати на новинарката Гордана Дувњак и на претседателот на Кривичниот суд Скопје Иван Џолев, актуелен претседател на СМС е новинарот Васко Маглешов, кој веќе и на големи конференции во странство е канет да зборува за судско-медиумското тело од Македонија.
„Лани во декември на покана на Европската академија за право, говорев пред 50-тина европски судии, професори и адвокати за концептот на Судско-медиумскиот совет, кој е единствен ваков во Европа. Нивниот коментар за работата на ова тело беше: ‘Не очекувавме дека вакво нешто би можело да произлезе од држава како Северна Македонија’. Холандски судија кој престојуваше во земјава беше воодушевен од идејата и од организацијата на едно вакво тело. Главната придобивка на Судско-медиумскиот совет, кој е единствено и уникатно советодавно тело во Европа е тоа што двете професии, судската и новинарската, седнаа на иста маса да разговараат. Тоа е дијалог што не едноставен и не е затворен, и токму во тоа е неговата убавина. Постојат многу прашања поврзани со јавноста и транспарентноста во работењето на судовите, за кои имаме различни гледишта: ТВ камерите во судница, пристапот до судски списи и природно е да имаме различни агли на гледање. Но, во основа, и двете професии имаат еден ист заеднички интерес – довербата на граѓаните. И новинарите и судиите на свој начин проверуваат и утврдуваат факти“, вели Васко Маглешов.
Бетим Јахја, судија од Основниот суд Тетово кој е актуелен член на Судско-медиумскиот совет, има визија како може да придонесе преку ова тело не само тој, туку и многу други негови чесни колеги судии да ги уверат граѓаните дека се тука за нив, дека судат професионално, праведно и достоинствено, а тие несовесните ќе си бидат и натаму малцинство и ќе бидат препознавани од јавноста.
„Преку унапредување на веќе воспоставениот дијалог и зацврстување на довербата помеѓу новинарите и судиите, кој процес се одвива во рамките на Судско-медиумскиот совет, и преку еден објективен, професионален и комплементарен начин на информирање на јавноста со секојдневните предизвиците на судиите, јавноста ќе може да разликува судија кој чесно и професионално ја извршува својата функција (кои се апсолутно мнозинство), од нечесен и непрофесионален судија. Со сеопфатното информирање и промовирање на специфичната природа на работата на судиите која претставува еден од идните предизвици на СМС, ќе се намали можноста од креирање на перцепцијата само врз основа на мал број на предмети, а тоа ќе доведе до подобрување на довербата на јавноста во судството“, уверен е судијата Јахја.
Во текот на овие пет години, се одржани обуки за комуникациски вештини за 40-тина судии, како и правни обуки за 40-тина новинари, се одржаа средби на судии и новинари во апелационите подрачја, беше промовиран прирачник за судска транспарентност, судиите учеа да даваат изјави пред камера и да пишуваат соопштенија, а новинарите како да ги владеат правните и судските термини за да не ги дезинформираат граѓаните.
„Еден од поновите успеси на Советот е тоа што Министерството за правда ја прифати нашата иницијатива за објавување и на неправосилните пресуди, а не само на правосилните, за кои се чека некогаш и со години. Оттаму, во предложената Стратегија за развој на правосудството 2024-2028, ги има токму бараните промени на Судско-медиумскиот совет“, вели Маглешов за извојуваната битка.
Американската амбасада помогна Судско-медиумскиот совет да се формира од Здружението на судии на Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА