Некои училишта ќе се затворат, некои училишта ќе се доградат, а каде има услови ќе се градат нови, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Од септември досега едносменска настава е воведена во 141 училиште, треба во сите останати низ државата, а вели таа, тоа е процес кој ќе потрае.
„Во овој момент Министерството за образование и наука (МОН) прави голема опсежна анализа со цел да догради училници таму каде што е неопходно, до 6 училници. Веќе имаме лоцирано повеќе такви училишта низ целата земја. Продолжуваме да видиме колку ќе има од 6 нагоре училници, до 10, 15, училници, тоа можеби ќе бидат и нови училишта, но знаете, во некои општини имаме проблем со маркиците, урбанистичките планови, веројатно ќе се доградуваат спратови итн. Најкритично е во Кисела Вода и во Аеродром, таму се најпроблематични за доградба. Во Чаир планираме да изградиме ново училиште“, рече министерката по отворањето на „Иноваториум – Клуб на напредни знаења и вештини“.
Јаневска повтори дека дел од училиштата ќе се оптимизираат, училиштата кои функционираат со 5 ученици нема понатаму да можат да опстојат, бидејќи тоа е на штета на учениците.
„Затворени ученици во група од 5, изолирани од останатиот свет не може да постигнуваат резултати како оние кои се наоѓаат во поголеми групи, подобро опремени училишта, инфрастуктурно и со опрема, така што тие процеси ќе одат заеднички. Отсекогаш сум велела дека тоа не може да се направи за 6 месеци, нека трае со години, треба да се заврши“, рече министерката.
Уште лани во јули кога ја најави оптимизацијата на училиштата, на новинарско прашање дали ќе следи затворање на одреден број училишта во земјава, Јаневска рече дека проектот за оптимизација на училишната мрежа во земјава е во тек, со помош на УНИЦЕФ и Светска банка и во моментов се обновуваат податоците и се прават анализи. Според неа, има одредени региони и училишта кои секако не треба и не можат да бидат затворени, кои се на голема оддалеченост и тие ќе опстојат.
Б. НЕСТОРОСКА