Штрајкуваат 11 вработени лица во пералницата во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ Скопје, коишто се грижат сите клиники да добијат чисти чаршафи за болните и хирурзите да добијат облека за операциите, објави „Слободен печат“.
Од февруари не им се исплатени платите затоа што Владата го нема реализирано договорот за јавно-приватно партнерство за стерилизација на инструменти, во чиј склоп е и пералницата. Таму, како што пишува медиумот, е упориште на зараза, стари машини за перење, мувла, небезбедни инсталации, вода која протекува. Вработените велат дека ги информирале клиниките дека не примаат ниту облека ниту чаршафи, па не им ги носат. Утринава само за Хируршките клиники од солидарност испратиле една количка со чаршафи за да може да се изведат операциите. Но велат дека од утре нема да го прават тоа.
„Машините се неисправни. Вработените почнаа да се повредуваат. Поправајќи машина еден колега скрши прст. Капакот од сушалниците нè удира по глава, а немаме здравствено осигурување. Ни пензиско, ни здравствено, ни плата. Во јануари ни беше последната плата. Ќе ме прашаш како издржавте? Издржавме затоа што ‘Скопстер’ има проект кој треба да почне да работи со стерилизација на инструменти. И ние сметавме дека кога ќе има пари од тој проект ќе ни се плаќаат и нас платите. Ама бидејќи е блокирана стерилизацијата, нема плати. Општи и заеднички работи (ОЗР) кога дава пари, кога не даваат и ние сме заборавени. Моравме вака да направиме. Моравме да почнеме штрајк, за да го решат овој проблем еднаш засекогаш и долгорочно. Не се издржува ова. Нека дадат пари, па ќе работиме, вредни сме. Ако ние имаме договор дека работиме овде, нам ништо не ни тече, ни плата ни пензиско, всушност работиме на црно“, вели еден од работниците.
Од фирмата „Скопстер“ за „Слободен печат“ изјавиле дека пералницата во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во иднина треба да е дел од јавно-приватното партнерство за ингрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, односно да прерасне во втор центар за стерилизација. Во меѓувреме, „Скопстер“ управува со пералницата од јануари 2024 година врз основа на владина одлука, ама не можат да почнат да реновираат зашто ни Владата ни Министерството за здравство не го почнуваат проектот за стерилизација, иако „Скопстер“ има проект за реновирање на пералницата. Дополнително, се жалат дека Општи и заеднички работи не им исплаќаат навремено и им должат 175 илјади евра за кои им испратиле фактури.
„Конкретно, преземавме обврска да ја менаџираме пералницата во затекнатата состојба, како што е повеќе од 50 години (со застарена опрема) и со сите вработени за што, за редовното функционирање службата Општи и заеднички работи треба да ни плаќа надомест ‐ нешто што се реализира со голем застој и доцнење. Во врска со тековниот проблем со исплата на заостанатите плати во пералницата при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ сакаме да информираме дека сме во постојана комуникација со Министерството за здравство, како корисник на оваа услуга. И взаемно бараме решение ‐ како да не дојде до застој во работата на пералницата. Имено, како оператори со пералницата, покрај третманот на плати, реализираме и низа техничко‐оперативни активности (набавка на репро‐материјали, одржување за непречено работење и менаџирање), кои исто така се значителен трошок. Во таа смисла бараме од ОЗР редовно и во целост да ги реализира обврските кон нас, како би можеле и ние, следствено, да ги реализираме нашите обврски кон вработените и сите добавувачи“ изјавија од „Скопстер“.
Оттаму велат дека имаат целосно разбирање за финансиските проблеми на ОЗР, но финансиската дисциплина во општество со пазарна економија треба и мора да се почитува.
„Во спротивно, ние како приватна компанија се соочуваме со предизвик и понатаму да бараме средства од други извори за финансирање, што значи дополнителен, финансиски трошок. До овој момент, ОЗР по основ на уредно издадени фактури ни должи 10.802.752 денари или нешто повеќе од 175.000 евра, конкретно фактури за целосно извршени услуги за 6 месеци: 12.2024; 01.2025; 02.2025; 03.2025; 06.2025 и 07.2025“, додавааат од „Скопстер“.
Директорот на службата Општи и заеднички работи Башким Бакиу вчера изјави дека ќе побара Трудова инспекција да влезе во пералницата и за „Слободен печат“ изјавил дека досега кон „Скопстер“ исплатил доволно пари за да се исплатат плати за две години.
Вработените во пералницата испратиле порака до Министерството за здравство и до Владата – под итно да најдат решение со кое нивните работнички права нема да бидат повеќе паричка за поткусурување.
Рекоа дека штрајкот нема да го прекинат, а ако добијат отказ тогаш на виделина ќе изнесат сè што преживеале изминатите 20 години на истото работно место каде што се менувале управители, а нивните права останале заборавени.