Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев се согласија за организирање на официјални посети, на средбата на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан, соопштија од претседателскиот кабинет.
„Во разговорот двајцата соговорници се согласија за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави“, се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека разговорот траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, се разговарало за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
„Двајцата соговорници ги изложија своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции. Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија. Таа нагласи дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа“, велат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Освен средби на маргините на мултилатерални настани, претседателката Сиљановска-Давкова нема официјална посета ниту во земјава, ниту во странство, откако стапи на функцијата.