СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НАЈАВИ КОНСУЛТАЦИИ ЗА СЛАБОСТИТЕ ВО СИСТЕМОТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ НА ОСУДЕНИ ЛИЦА

    СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НАЈАВИ КОНСУЛТАЦИИ ЗА СЛАБОСТИТЕ ВО СИСТЕМОТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ НА ОСУДЕНИ ЛИЦАВо следниот период претседателката Сиљановска-Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на Комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прифати оставката на Комисијата за помилување, соопшти нејзиниот кабинет, откако претходно преку фејсбук оставката ја објави еден од членовите, проф. д-р Гордан Калајџиев.

    Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

    „Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи. Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на Комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица“, вели кабинетот на Сиљановска-Давкова.

    На 22 октомври претседателката донесе одлука за помилување на десет осудени лица, при што на тројца казната затвор им се заменува со условна казна, а седум делумно се ослободуваат од издржување на останатиот дел од казните.

    Меѓу помилуваните се поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба со бесплатниот ученички превоз, потоа Шенол Маслани уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога, Акиф Равманоски – член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“.

    „Околу помилувањата прво, јас кога ја конституирав Комисијата за помилување која е составена од врвни експерти во оваа област и познавачи, реков дека ќе ја почитувам нивната работа. Мислам дека кога се даваат коментари се заборава на што. Значи, вие делото го анализирате така? Пред сè делото. Кога се работи, јас веќе и имињата не ги знам да бидам искрена, меѓутоа кога јас ги потпишав овие одлуки, по што се водев? Се водев од тоа дека во првиот случај, пресудата е 1 година и 3 месеци и делото се однесува на поседување неовластено поседување на оружје и на 5 куршуми. Тоа е делото. Веројатно тие се воделе по ова. Да, знам која е таа личност, но јас зборувам за работата на Комисијата. Кај вториот случај, се работи за дело кое е врзано со насилство или на некоја наплатна станица некоја тепачка и казната за него е 6 месеци. Кај првата е година и три месеци, значи кога ги замениле овие казни со условна од три години, да личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот тоа е факт сега гледам јас тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела“, изјави претседателката на државата за ТВ21 по свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

    Претседателката тогаш кажа и дека претпоставува оти има начин да се санкционира, но не кажа што.

    „Да било делото членство во злосторнички здруженија, веројатно поинаку би било. Значи, јас почитувам знаење, јас потпишувам одлуки, меѓутоа јас велам дека никогаш директно нема да се мешам во работата на Комисијата. Точно е дека го имам последниот збор но мора да се има ова предвид“, рече Сиљановска-Давкова.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира