Еролд Муслиу ја обвини претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека попуштила под партиски притисоци откако денеска беше разрешен од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање. Тој кажа дека е разочаран од Сиљановска-Давкова што не покажала доблест да се сретнат за да ја информира за безбедносното опкружување и за актуелната состојба во регионот.
„Без да навлегувам во политичката логика и во автономијата при одлучувањето за моето разрешување, очигледно е дека претседателката попушти пред партиски притисоци. Законската оправданост и мерит системот за кој цело време зборува претседателката отсуствуваат во случајот на моето разрешување“, вели Муслиу во соопштението испратено до медиумите.
Тој истакнува дека е горд што е првиот Албанец на кого му била доверена задачата да ја предводи Агенцијата за разузнавање, на чие чело беше од 2019.
„Иако цело време бев изложен на гнасна дезинформациска кампања, која доби размери на политички линч, што остави и последици врз моето семејство, докажав дека Албанец, притоа без партиска припадност, може да постигне високо ниво, да биде прифатен и почитуван во колективот, во национални и меѓународни рамки“, кажа Муслиу,
Габриела Јаковлева е нова директорка на Агенцијата за разузнавање, а нејзина заменичка ќе биде Ивана Стојановска, откако претседателката од ова место ја разреши Александра Бакреска-Додовска.