Како најистакнати меѓу сите кандидати за двете места во Судскиот совет што треба да ги пополни шефот или шефицата на државата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието ги предложи адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ.
Првата е експерт за кривично право, втората за граѓанско и семејно право.
Јошевска-Атанасовска завршила студии по право на УКИМ. Кадри-Шахиновиќ на ФОН. Имаат богати биографии во кои е вклучена и соработка со невладини организации, меѓународни и домашни.
Сузана има значителен број на јавни настапи надвор од адвокатската работа, па важи за критичарка, но и за бранителка на независноста на судството. Таа била и советничка на поранешното Специјално јавно обвинителство, советничка во Министерството за финансии во меѓународните правнички комуникации и процеси, а лани предавала и во Академијата за судии и јавни обвинители.
Арлинда покрај тоа што предава на ФОН и на МИТ-Универзитетот, таа е и член на Генералното собрание на СОС Детско село, ангажирана е како правен експерт во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а два мандата е и претседател на Комисијата за жалби на ФФМ. Беше членка на Комисијата за помилување кај претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, а која Комисија се распадна уште на почетокот, по колективната оставка.
С. К. ДЕЛЕВСКА



