Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, во рамки на овластувањата за надзор над почитувањето на етичкиот кодекс на функционерите, денеска испратила официјален допис до министерот за правда Никола Тупанчевски со кој побарала извештај и сметки за престојот во Палермо дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Неофицијално, Грковска побарала отчет од Тупанчевски за транспортните трошоци, за начинот на кој што влегол и добил столче во ложата на фудбалскиот натпревар Италија-Македонија, како и за престојот во хотелот.
Од Кабинетот на вицепремиерката Грковска официјално, во одговор на новинарско прашање, велат дека сите министри се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата.
„Сите министри, замениците на министрите и другите носители на извршни функции именувани од Владата на Република Северна Македонија се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, чија цел е јакнење на интегритетот на Владата и јакнење на довербата на граѓаните во институциите“, велат од кабинетот на вицепремиерката, која е надлежна за спроведување на етичкиот кодекс.
Владата и вицепремиерката велат дека го следат случајот поврзан со министерот Тупанчевски и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување.
Министерот Тупанчевски беше уловен од камерите од телевизискиот пренос како се радува на победоносниот гол на Александар Трајковски, а заедно со него во првиот ред од ложата за важни гости беа вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев.
Одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска во петокот, ден по натпреварот во Палермо, ги повика тројцата да кажат кој им го платил патувањето. Министерот Тупанчевски и обвинителката Фетаи кажаа дека сами си го платиле патувањето, а Фетаи приложи и уплатница за сместувањето. Тупанчевски ниту тоа.
Влезниците за ложата и авионскиот превоз се на сметка на Фудбалската федерација на Македонија.
М. ИЛИОСКИ