СИТЕ САКААТ ДА БИДАТ ДОМА, ЕКОНОМИЈАТА ДОБРО СЕ ДВИЖИ И ВЕРУВАМ ДЕКА ДЕЛ ОД ИСЕЛЕНИТЕ ЌЕ ПОЧНАТ ДА СЕ ВРАЌААТ, ВЕЛИ ЈАНЕВСКА

    СИТЕ САКААТ ДА БИДАТ ДОМА, ЕКОНОМИЈАТА ДОБРО СЕ ДВИЖИ И ВЕРУВАМ ДЕКА ДЕЛ ОД ИСЕЛЕНИТЕ ЌЕ ПОЧНАТ ДА СЕ ВРАЌААТ, ВЕЛИ ЈАНЕВСКАСпоред МОН, за 7 години се иселиле 17 илјади ученици и студенти. (Фото: СДК.МК)

    Минатата година недостасуваа 17 илјади ученици и студенти кои се иселени во последните 7 години, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    „Секако дека е огромна бројката, еве правиме сѐ што е можно за да ги задржиме. Она што е до областа на образованието. Секако дека и другите ресори прават сѐ што е потребно за да се обидеме на некој начин да барем во почетокот да ја намалиме оваа бројка, а потоа ако може и да ја стопираме.

    Искрено се надеваме дека ако успееме да направиме сѐ што беше во предизборната програма, можеби дел од населението, ќе почне да се враќа во Македонија. Ако обезбедиме услови, а јас верувам дека и ќе обезбедиме. Подобрата економија е секогаш голем предизвик за луѓето што се наоѓаат во странство, без оглед колку е добро таму. Сите сакаат да бидат дома, доколку имаат услови за пристоен живот. Гледате економијата сега засега добро се движи и ако продолжи со ист правец верувам дека после краток број на години дел од нив ќе почнат да се враќаат“, рече министерката по прес-конференција на која зборуваше за набавка на нови учебници.

    Лани во септември, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави анализа за намалување на бројот на ученици во основното и во средното образование. За една декада, бројот на ученици е помал за 27.000, според податоците на анализата на невладината организација.

    Намалувањето е особено изразено во средните училишта. Намалувањето на средношколците е за 20 отсто. Намалувањето на основците е за 5 отсто.

    Рекордот е Пехчево, град во кој речиси веќе и да нема средношколци, бидејќи таму има намалување за 83 отсто од пред десет години. Кај основните училишта најголемо намалување има во Ново село (за 57 проценти).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира