По изрекувањето на затворските пресуди во Основниот суд Скопје 1 за случајот на СЈО „Титаник 2“, обвинителката Фатиме Фетаи побара мерки за обезбедување присуство на осудените Мендух Тачи, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Елизабета Стефановска, редовно јавување кај надлежен орган, поради опасност од бегство.
За Бедредин Ибраими побара мерка притвор. По ова тој стана и рече дека нема намера да бега.
„Тука сум роден, тука живеам и тука ќе умрам. Немам намера да бегам, туку да докажам пред повисоките судски инстанци дека не сум виновен. И за да ѝ се смеам на оваа во лице“, покажа со прст кој Фатиме Фетаи,
„Кога повисоките судови ќе ја потврдат мојата невиност. Не може она што ќе и текне да прави, па сега и притвор да бара за мене“, додаде налутен Бедредин Ибраими.
Мерка притвор беше побарана и за Сашо Мијалков, поради околности за опасност од бегство кои ги констатирале Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје. Мијалков е во моментов во куќен притвор, но Фетаи рече прашање на ден е кога и него ќе го ослободи Врховниот суд.
Сашо Мијалков е осуден на три години затвор затвор, Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца,
Бедредин Ибраими на казна затвор од 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски на 3 години, Сашо Срцев доби 3 години и Елизабета Стефановска исто така 3 години затвор.
Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска се осудени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тачи додатно и за поттикнување.
Мијалков е осуден за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, во случајов како тогашен директор на УБК, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.
Според обвинението на СЈО, односно пресудата што ја изрече денеска судијата Огнен Ставрев во Основниот суд Скопје 1, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими на локалните избори во 2013 година да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, а на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА