Специјалното јавно обвинителство денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе жалби против одлуката на Судот со која на специјалните јавни обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи им беа изречени парични казни, соопшти СЈО.
„Сметаме дека одлуката е незаконска, поради што го искористивме правото на жалба“, вели во соопштението Јанева.
Јанева и Фетаи беа казнети со по 2.000 евра од судијката Татјана Михајлова поради „навредливо однесување кон судот“ за време на второто рочиште од судењето на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за насилствата во Општина Центар.
Од СЈО велат и дека против судиите Александра Поп Стефанија и Лидија Петровска до Советот за утврдување на факти поднеле иницијативи – претставки за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судската функција.
СЈО, исто така, во соопштението го обвини Здружението на јавните обвинители на Република Македонија за несоодветна соработка.