Специјалното јавно обвинителство поднесе жалба до Апелациониот суд на решението на Основниот суд Скопје 1 за издвојување на дел од доказите предложени од СЈО на судењето за насилството во Општина Центар, случај во кој првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.
Како што попладнево соопшти СЈО, жалбата е поднесена поради суштествена повреда на одредбите од Законот за кривична постапка.
На судењето на 16 декември, судијката Татјана Михајлова ги одби како доказ „бомбите“ со образложение дека биле набавени на нелегален начин, со кршење на човековите права и слободи и на меѓународните конвенции. Таа, исто така, го одби предлогот на СЈО, претставувано од обвинителката Фатиме Фетаи, во доказната постапка да биде сослушан сведок со статус загрозен, чиј идентитет би го знаела само таа.
Поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески и поранешната советничка во Центар и пратеничка Рангелова се обвинети како нарачатели на насилствата во Општина Центар во јули 2013 година. Уште две лица се товарат како нарачатели, а деветмина други како извршители.
Судењето продолжува на 22 февруари.