Лица со даунов Синдром, нивните семејства и пријатели и голем број хумани граѓани денес учествуваа во хуманитарната трка „Ран фор Даун“ што се одржа во Градскиот парк во Скопје, со која се одбележа Светскиот ден на лицата со Даунов Синдром-21 март.
Според организаторите на настанот, мечувалечкиот клуб „Ескрим“ во трката, која почна од школка во Градски парк, а се трчаше во должина од еден километар, имало над 600 учесници, и дека покрај лицата со Даунов Синдром и нивните семејства, учествувале голем број хумани граѓани, компании со нивните тимови, како и тимовите на Град Скопје и Министерството за здравство. Мечувалечкиот клуб волонтерски работи со лица со попреченост, поточно деца со Даунов Синдром, еднаш неделно им обезбедува бесплатен час по мечување.
Билјана Кузмановска, од мечувалечкиот тим „Ескрим“, вели дека мечувањето позитивно влијае на целокупниот развој на децата и дека веќе петта година по ред работат со деца со Даунов синдром. Таа вели дека сите средства од котизацијата од трката ќе бидат наменети за доопремување на Дневниот центар за лица со Даунов Синдром.
„Оваа трка се оддржува четврта година по ред, а прва година покровител е Град Скопје. Котизацијата беше 200 денари и сите собрани средства ќе одат за доопремување на центарот. Според слободни проценки имаше околу 600 учесници, но според собраните средства од котизацијата ќе ја знаеме точната бројка. Годинава имаше многу повеќе учесници, пред се хумани граѓани“, вели Кузмановска.
Скопјани кои учествуваа во трката порачаа дека овие деца се исти со сите други деца и дека се овде за да ја подигнат јавната свест дека секој колку што може треба да помогне.