Пратениците со 59 гласа „против“ и 20 гласа „за“ не ја прифатија интерпелацијата за министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го обвини Димитров дека ги прифатил сите максимални барања на Грција за решавање на спорот за името, негов прв пораз бил Договорот за добрососедство со Бугарија и дека го навредил македонскиот народ со изјавата дека бил искомплексиран.
Министерот Димитров во завршното обраќање вечерва, ги повика сите пратеници од власта и од опозиција да се фокусираат на приоритeтите и да дебатираат за економијата.
„Ние конечно се исправаме на нозе. Порано или подоцна со мудра политика, помалку навреди и повеќе заедништво, мислам дека светлината ќе ја победи темнината. Да се расправаме за работи што се вредни за расправање, даночната политика, економијата и слично. Дајте да се фокусираме на економски прашања, а ни бидат прашање на живот или смрт кој ќе победи, а кој ќе биде опозиција“, рече Димитров.
Тој за обвинувањата на опозицијата дека работел против интересите на државата и против интересите на македонскиот народ, рече дека секогаш и служел на каузата за Македонија и оти прави сѐ што мисли дека е добро за државата и народот. На пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека партијата не е народот.
„Вие треба секое утро тоа да го повторувате, државата не е партијата, Македонија не е партијата. Ние ќе ве чекаме во 21. век, ќе бидеме трпеливи, ќе дадеме се од себе и од вас да направиме пријатели. А избори, кога сакате, да видиме дали народот сака да живее во 21. век, или во 19. век“, рече Димитров.
Собраниската седница продолжува утре во 11 часот.
Г. ТРПЕНОСКИ