Помошник-државниот секретар за енергетика на САД Френсис Фенон утринава по средбата со премиерот Зоран Заев кажа дека се развива нов енергетски пазар што ќе го предводи Грција за прием на природниот гас, а Македонија ќе увезува и ќе биде дистрибутивна точка во регионот со оглед на географската поставеност.
Малите држави како Република Северна Македонија и други во регионот со релативно мала побарувачка на енергенси, ќе може да се приклучат и повеќе да не бидат зависни од само еден извор на енергија, рече тој.
„Го посетив интерконекторот, гасоводот Грција-Бугарија, што ќе го води гасот нагоре, преку Бугарија и потоа другите приклучоци, преку Северна Македонија. Објективно, регионот во моментов има еден добавувач на енергија. Кога некоја држава е зависна само од еден снабдувач, тоа влијае на начинот на кој таа може да функционира и да ги реализира своите политики и развојот. САД има долгорочен интерес за безбедноста на енергетиката во однос на зависноста од енергија. Ако имате само еден извор, тоа не е пазар. Тоа е зависност. САД сака да види креирање на пазарот и креирање на опции. САД се едната опција. Ние сме горди што само што почнавме да извезуваме природен гас, течен гас. Од 2016 година досега сме трет извозник по големина, се надеваме дека ќе бидеме први”, кажа помошникот-државен секретар на САД за енергетика.
Заев претходно најави дека со поддршка од САД, нашиот стратешки партнер во НАТО, Република Северна Македонија ќе забрза неколку проекти од енергетиката кои се од огромно значење за нас и за регионот.
„Како земја која си ја имаме поставено енергетската независност како цел, поврзувањето на енергетските коридори преку Бугарија и Грција, е од суштински и долгорочен интерес за нас. За време на посетата на Атина добивме поддршка од конзорциумот ‘Гастрејд’ за вклучување на Северна Македонија во изградба на терминалот за течен гас во близина на Александрополис во Грција. Со ова се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која потоа ќе стане точка од која ќе се дистрибуира гас пошироко во регионот. Со Фенон разговаравме за значењето на поддршката за интерконекторот за гас од Грција. Со тоа добиваме уште една можност за снабдување со гас од Азербејџан, од терминалите во Грција, Израел и други земји од источниот Медитеран. Овие проекти на нашата земја ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени”, кажа Заев.
Двајцата разговарале и за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје, кој е изграден во 2000 година и кој по престанокот со работа на „Окта“ во 2013 година, не е во функција.
„Престојат преговори со Хеленик петролеум и ќе најдеме пријателски решенија за овој капацитет да биде брзо ставен во функција. Освен домашните капацитети, Хеленик ќе ги снабдува со деривати и другите заинтересирани во регионот”, додаде Заев.
Рече дека со ова поврзување со Грција со помош на САД и ЕУ, се отвораат можности за инвестиции.
Интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција чини 54,4 милиони евра, кажа Заев и додаде дека номиниравме акционерско учество во Александрополис.
С. К. ДЕЛЕВСКА