СО ГАСНИТЕ ИНТЕРКОНЕКТОРИ СО ГРЦИЈА И СРБИЈА ЗНАЧАЈНО СЕ ПОДОБРУВА ГЕОСТРАТЕШКАТА ПОЗИЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА, КАЖА МИЦКОСКИ ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО СРБИЈА

    СО ГАСНИТЕ ИНТЕРКОНЕКТОРИ СО ГРЦИЈА И СРБИЈА ЗНАЧАЈНО СЕ ПОДОБРУВА ГЕОСТРАТЕШКАТА ПОЗИЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА, КАЖА МИЦКОСКИ ПО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО СРБИЈАПремиерот Мицкоски кажа дека градежните работи ќе ги изведува домашна компанија. (Фото: СДК.МК)

    Со завршувањето на гасните интерконектори со Грција и Србија, државата ќе добие целосна вертикална поврзаност како дел од Коридорот 10, со што значително се подобрува геостратешката положба на земјата, изјави премиерот Христијан Мицкоски по денешното потпишување на Договорот за реализација на интерконективниот гасовод Македонија-Србија во Владата.

    Тој очекува интерконекторот кон Грција да биде завршен во првата половина од следната година, додека гасоводот кон Србија треба да биде готов кон крајот на 2028 година.

    „Ние сме држава којашто не излегува на море и со вакви проекти, кога се поврзуваме со пристаништа, во случајов како што е терминалот Александрополи, кога се поврзувавме со солунското пристаниште, со продуктоводот и нашата рафинерија ‘ОКТА’, кога градиме интерконектори во делот на снабдувањето со електрична енергија и поврзување со нашите соседи, ние на тој начин ја подобруваме и нашата геостратешка положба како држава. Така што, овие проекти имаат огромно регионално, па и би рекол пошироко геостратешко значење, и јас низ таа оптика го гледам и овој проект, оваа цевка којашто треба да ја поврзе Македонија со Србија. Исто како што цевката треба да ја поврзе Македонија со Грција. Посебно што е двонасочен овој цевковод, и сето тоа му додава вредност на самиот проект“, рече Мицкоски.

    Мицкоски кажа дека градежните работи ќе ги изведува домашна компанија, што претставува владин приоритет за ангажирање на домашната градежна оператива и поддршка на македонската економија.

    Оваа инвестиција, според него, претставува чекор кон остварување на стратешката цел земјата да биде раскрсница на паневропските коридори 8 и 10 преку патна и енергетска инфраструктура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира