Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и грчкиот министер за надворшени работи Јоргос Герапетритис не разговарале за Преспанскиот договор и употребата на уставното име на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа кој се одржа во Скопје, рече таа.
„Грчкиот министер Герапетритис не ја отвори темата. Седевме еден до друг, многу сум задоволна што дојде. Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право и дека треба да продолжиме таму каде што многу јасни определби имаше Солунскиот самит. Тоа беа разговорите. Мислам дека ние луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме. Денеска сум многу задоволна поради целосно усогласената декаларација која беше усвоена, рече Сиљановска-Давкова.
Прашана дали може да ги коментира можните последици од тоа што во говорите не го користи уставното име, рече дека не смета дека го крши Уставот.
„Моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од Кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има како јин и јанг две лица, едно официјално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата на мислата и слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право“ кажа Сиљановска Давкова.
Герапетритис после Самитот во изјава за грчката национална телевизија ЕРТ кажа дека е важно да се гарантира европскиот тек на сите земји од Балканот и поширокиот регион во период на многу високи предизвици.
„Тоа е она што го нагласив на конференцијата, напредокот треба да се развива врз основа на конкретни предуслови, кои се формални и се однесуваат на почитување на демократијата, почитување на владеењето на правото, верно почитување на сите меѓународни договори и доследна усогласеност со сето она што е поврзано со Европската унија, меѓународното право, како и секако почитувањето на правата на малцинствата“, рече шефот на грчката дипломатија во изјавата за ЕРТ.