СО ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ НАМЕРНО СЕ ОТВОРААТ ДУПКИ ЗА КОИ УНЕСКО ПРЕДУПРЕДИ ДЕКА Е ИСТО КАКО ДА НЕМА ЗАКОН

    СО ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ НАМЕРНО СЕ ОТВОРААТ ДУПКИ ЗА КОИ УНЕСКО ПРЕДУПРЕДИ ДЕКА Е ИСТО КАКО ДА НЕМА ЗАКОННајпознат случај на неусогласеност на ДУП со ГУП е проектот за изградба на три висококатници карши хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Со предложените измени на Законот за урбанистичко планирање, кои се на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, се вметнуваат исклучоци во изрично јасен член од законот во делот за неусогласеност на урбанистички планови.

    Законската одредба предвидена во став 5 од член 35 од актуелниот закон, јасно стои дека не може да се применува детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен, односно е во спротивност со одредбите од генералниот урбанистички план.

    Но, со измените предвидени со предложениот став 6 се додаваат два исклучоци од ставот 5.

    „Во член 35 по ставот (5) се додава нов став (6) кој гласи:
    ‘(6) По исклучок од став (5) на овој член детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, се применува кога:
    – намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;
    – во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план, доколку е исполнет и условот од алинеја 1 од овој став’“, се вели во предложените измени.

    За отворање вакви дупки во прописите остро реагираше УНЕСКО во извештајот на Реактивната мониторинг мисија, која го посети Охридскиот регион во јануари минатата година и заклучи дека Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност.

    Во извештајот, УНЕСКО нотираше дека мораториумот за градба во Охридскиот регион, донесен од општините Охрид, Струга и Дебрца, вклучувал неколку исклучоци, што во суштина го направиле мораториумот беспредметен.

    Најпознат случај на неусогласеност на ДУП со ГУП е проектот за изградба на три висококатници карши хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје.

    Сите содржини што сега се планираат со овој проект се всушност според стариот Детален план, кој дозволува по 200.000 метри квадратни изградена површина на трите парцели, или вкупно 600.000 метри квадратни и 5.000 жители. Генералниот урбанистички план кој е акт од повисок ранг дозволува на сите три парцели да живеат 1.250 граѓани или 347 семејства, а сега само во првата парцела се предвидени 1.200 жители.

    Предлагачот на измените на Законот за урбанистичко планирање, Министерството за транспорт и врски, вели дека предложените измени се должат на поднесена иницијатива на дел од единиците на локална самоуправа, кои се обратиле до нив како предлагач на овој закон и побарале негови измени во делот на преодните одредби со кои се предвидува ставање вон сила на општите акти изработени и донесени согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

    Од Министерството додаваат дека останатите предлози за изменување се однесуваат на воочени можности за поедноставување на постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови и воведување на поголема флексибилност во улогите на учесниците во постапките.

    Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање се носи по скратена постапка во Собранието.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира