Скопјанец загина прегазен со мотор на пешачка патека синоќа околу 20 часот на кејот на реката Вардар во Скопје, кај Паркот на франкофонијата. Како што велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од семејството, тој вечерта излегол да фрли ѓубре. Враќајќи се кон својот дом во зграда во близина на кејот и движејќи се по пешачка патека бил прегазен од мотор.
Од МВР велат дека моторџијата избегал.
„На 1.7.2025 околу 19.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на пешачка патека во близина на улица Ленинова во Скопје, мотоцикл ‘кавасаки’ со скопски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ј. Н. (68) од Скопје, по што мотоциклистот го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, а со телесни повреди се здобил сопатникот од мотоциклот Х. И. (26) од Скопје, констатирани во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ и Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’. Од здобиените повреди, Ј. Н. починал во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза‘“, велат од МВР.
Од МВР велат дека извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
А. АНТЕВСКА