СО ЗАЕМ ОД СВЕТСКА БАНКА ОД 26,2 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ОЛЕСНУВА ТРАНСПОРТОТ И ПРОТОКОТ НА СТОКИ И УСЛУГИ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ

    СО ЗАЕМ ОД СВЕТСКА БАНКА ОД 26,2 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ОЛЕСНУВА ТРАНСПОРТОТ И ПРОТОКОТ НА СТОКИ И УСЛУГИ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ„Со проектот треба да се обезбеди воведување едношалтерски систем и модернизација на царината и другите институции кои управуваат со границите“, велат од Министерството за финансии (Фото: СДК.МК)

    Министерството за финансии ќе земе заем од Светска банка во износ од 26,2 милиони евра, со кои треба да се воведе едношалтерски систем и модернизација на царината и на сите други институции кои учествуваат во управување со границите. Заемот ќе биде со рок на отплата од 12 години со вклучен грејс период од 4 години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон.

    Од Министерството за финансии информираа дека овој заем Министерството ќе го склучи во име на Владата, а со него треба да се намалат трошоците за трговија и да се зголеми ефикасноста на транспортот.

    „Договорот ќе биде потпишан по донесувањето на Закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, кој што е во собраниска процедура“, велат од Министерството за финансии.

    Овој проект, како што велат од Министерство за финансии се состои од 4 компоненти, од кои првата се однесува на олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, со треба да се обезбеди поддршка за дизајнирање, развивање и спроведување на Национално едношалтерско решение, модернизација на царината и другите институции кои учествуваат во управувањето со границите.

    „Со ова треба да се подобри координацијата меѓу институциите, и да се намали времето потребно за чекање на стоките. Со оваа компонента ќе се обезбеди поддршка за подобрување на физичките капацитети и работните услови на граничните премини Ќафасан и Деве Баир за да се олесни протокот на стоки преку границите“, велат од Министерство за финансии.

    Со втората компонента од проектот ќе се поддржи развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел Коридор 10, а со третата се предвидува поддршка преку техничка помош за спроведување на регулаторни и институционални реформи за усогласување со конкретните обврски на нашата земја во рамките на дополнителните протоколи 5 и 6 од Договорот за слободна трговија на Централна Европа (ЦЕФТА) и повеќегодишниот акционен план за регионалната економска зона во Западен Балкан.

    „Со четвртата компонента ќе се овозможи поддршка на единицата за имплементација на проектот, вклучувајќи координација на политики и мониторинг и евалуација на проекти, како и спроведување на јавни консултации помеѓу повеќе чинители и анкети“, велат од Министерство за финансии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира