СО ЗЛОУПОТРЕБА НА „ЗАШТИТЕН БУЏЕТ“ ШТО ГО ОДРЕДУВА СУДОТ, ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ГИ РЕКЕТИРААТ ПРИВАТНИТЕ БИЗНИСИ И НЕ ИМ ГИ ПЛАЌААТ ДОЛГОВИТЕ

    СО ЗЛОУПОТРЕБА НА „ЗАШТИТЕН БУЏЕТ“ ШТО ГО ОДРЕДУВА СУДОТ, ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ГИ РЕКЕТИРААТ ПРИВАТНИТЕ БИЗНИСИ И НЕ ИМ ГИ ПЛАЌААТ ДОЛГОВИТЕСудот поставува лимит за т.н. заштитен буџет, под кој не смеат извршителите да им симнуваат од сметките на државните и општинските институции, односно, да не ги плаќаат долговите, ако немаат вишок. - Апелационен суд Скопје (Фото: СДК.МК)

    Управител на друштво за промет со фармацевтски производи, и покрај добиени пресуди не може да си ги наплати побарувањата од една скопска болница зашто Апелациониот суд Скопје ги штити државните институции на штета на бизнисот.

    Судот поставува лимит за т.н. заштитен буџет, под кој не смеат извршителите да им симнуваат од сметките на државните и општинските институции, односно, да не ги плаќаат долговите, ако немаат вишок.

    Според податоци од бизнис-коморите, со помош на оваа алатка, државните и општинските институции на приватните фирми им должат во моментов пола милијарда евра.

    Не само што не си ги плаќаат долговите и се изживуваат врз приватниот бизнис, туку бараат и 10 oтсто мито ако решат да вратат дел од долг, според укажувач кој се јави во редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК во рамки на алатката „Пријави корупција“.

    Тој вели дека тешко може да наплати од тоа што е над заштитениот буџет на болницата, а во слободна директна комуникација (не по телефон), еден од директорите му побарал мито по 5 отсто за двајцата директори. Или вкупно 10 отсто од ратата што се исплаќа.

    Уценетиот сопственик на веледрогерија не можел да ја сними таа конверзација. Кажано му било дека кога ќе се плати готовината, друг ден му ќе легне на сметка ратата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК стои на располагање на ОЈО Скопје да ги даде податоците за јавната здравствена установа која е посочена од укажувачот за коруптивно однесување, во случај да сака да отвори предистрага по допрен глас.

    „Учествуваме преку јавните набавки пред сите јавни здравствени установи во Македонија, во болници и други јавни установи од областа на здравството, ама корупцијата има земено голем замав. Корупција за да ти ги исплатат доспеаните обврски! Болницата оди дотаму да се повикува на членот 218 од Законот за извршување, демек заштитен буџет, по предмет. Имам добиено повеќе судски, т.е. извршни предмети против болницата која ми должи, затоа што не се договарам за исплата на аванта (мито) од 10 отсто од сумата“, вели укажувачот.

    За жал, вели соговорникот, многу од веледрогериите плаќаат мито, зашто зависат од тие пари што треба да им ги плати добавувачот. Во спротивно ќе треба да стават клуч на вратата. Десет отсто за да си наплатат долг даваат и фирми кои имаат земено големи кредити.

    „Има и такви на кои им должат по 50-60 милиони денари и не може туку така да ѝ ги остават ненаплатени долговите на болницата. Во разговор и овие крупни добавувачи , односно доверители, кажуваат дека со мито си ги наплаќаат долговите од болницата.Од вкупната сума што ми ја должеше болницата, јас имам со години и години ненаплатени уште речиси половина, ама процент не им давам на директорите“, вели укажувачот.

    Можеби најдобра слика зошто многу бизнисмени ги затворија бизнисите или ги преселија во странство, кажува примерот на укажувачот.

    „Знаете како успеавме нешто од нешто да наплатиме со извршителот? Ги дадоа парите по поднесена и добиена тужба, со извршно решение. Ќе добие болницата пари над заштитениот буџет, извршителот ги лови. Бавно оди. А и на кого попрво да вратат? Сите веледрогерии тужевме“, раскажува соговорникот.

    Го прашавме директорот на болницата за обвинувањата дека тој и финансискиот директор наводно наплаќале 10 отсто за враќање на доспеани обврски.

    „Со индигнација ги отфрламе паушалните и тенденциозни наводи на вашиот извор, кој патем речено за нас останува анонимен, па неблагодарно е да се дебатира преку вашиот ценет медиум со такви ’анонимни’дојави. Сепак во интерес на јавноста и добрата пракса на комуникација, би додале дека зачудува фактот што пријавата не отишла на единственото место каде се решаваат ваквите проблеми, односно кај надлежните истражни органи. Тоа само наведува дека обвинувањата се несериозни, а веројатно и злонамерни. Ова дополнително ни дава за право да се посомневаме во мотивот на вашиот извор“, вели директорот на болницата.

    Укажува дека стручните служби на болницата се отворени за соработка со сите деловни соработници.

    „Тоа е вистинското место за евентуалните недоразбирања во соработката,па така го охрабруваме вашиот ‘дојавувач’ да се обрати првенствено до нас. За волја на вистината, во севкупниот економски амбиент во земјата, ретки се правните субјекти кои редовно ги извршуваат своите обврски.Не е нескромно што можеме да се пофалиме со нашата ажурност и навремено подмирување на деловните обврски, заради што не сме имале ниту една поплака од нашите деловни партнери“, вели директорот на болницата и тврди дека новиот менаџмент на установата успева значително да го намали и долгот кој бил наследен од претходните раководства .

    Дознаваме дека бизнисмени на кои им должи државата и кои не може да си ги наплатат побарувањата, веќе поднеле тужба до Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Тужбата е прифатена и е во напредна фаза. (Фото: СДК.МК)

    Укажувачот упатува на тоа дека по територијална надлежност, во неговиот случај претседателот на Основниот граѓански суд Скопје го одредувал тој заштитен буџет на болницата, а се чуди како ја одредувал сумата.

    Како долгогодишен претседател и граѓански судија, го прашавме судијата Илир Сулејмани за начинот на одредување на заштитниот буџет на јавните установи формирани од државата и општините и дали тука можеби има некаква нивна поврзаност со судот, како што се сомнева укажувачот.

    Наидовме на одговор дека Сулејмани како претседател има дури 120 вратени решенија од Апелациониот суд Скопје, зашто застанал во одбрана на законот и на бизнисот, кој мора да си ги наплати долговите од овие должници кои се под капата на државата.

    „Како претседател на Основниот граѓански суд Скопје, барањата за определување лимит согласно член 218 од Законот за извршување, со решенија ги одбивав. Меѓутоа, постапувајќи по жалба на должниците, Апелациониот суд Скопје истите жалби ги усвојуваше и се задолжуваше претседателот на Основниот граѓански суд да определи минимум средства за функционирање, согласно членот 218 од Законот за извршување. Постапувајќи по упатствата и насоките на повисокиот суд, по вторпат, претседателот на понискиот суд ги усвојуваше барањата“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК судијата Сулејмани кој до минатата недела беше претседател на Граѓанскиот суд и е најкомпетентен да зборува на темата со избегнување на плаќање на долговите од страна на државните претпријатија и институции.

    Тој смета дека овој член 218 треба веднаш да се укине.

    „По однос на прашањето дали членот 218 треба да се измени или дополни, на став и мислење сум дека треба да се укине, поради фактот дека истиот член ги става во поповолна состојба државните органи, односно јавните претпријатија и создава правна несигурност кај доверителите по однос на наплатата на побарувањата кога е во прашање државен орган, општина, јавни претпријатија основани од државата, односно од општините“, вели Сулејмани и потсетува дека судската пракса на Апелациониот суд Скопје е на мислење и став дека претседателот треба да ги усвои барањата за определување минимум средства поднесени од должниците државни органи и јавни претпријатија основани од државата и општините.

    За разлика од Скопска и од Апелација Штип, Апелационите судови Гостивар и Битола, според она како што ни кажаа, не сакаат да чујат да одредуваат т.н. заштитен буџет и да им овозможуваат на јавните институции да се луксузираат, да купуваат коли, да вработуваат партиски кадри до бесконечност, а кога ќе дојде ред да ги плаќаат долговите, да се кријат зад тој заштитен буџет.

    Затоа веќе државните и општинските претпријатија, Градот Скопје, министерства, агенции, болници, веќе имаат сериозен проблем да им се јави добавувач на тендер. Што би рекол нашиот укажувач – веќе нема на болниците лекови кој да им продаде. Мазут не сака веќе никој да им даде, зашто ем нема да платат, ем постои моженост за корупција кога ќе решат некогаш да ви платат рата.

    Дознаваме дека бизнисмени на кои им должи државата и кои не може да си ги наплатат побарувањата, веќе поднеле тужба до Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур. Тужбата е прифатена и е во напредна фаза.

    Од Министерството за правда ни потврдија дека има таква тужба и оти државата спрема одговор на тужбата.

    Бизнисмените со кои разговаравме велат – предметот е во завршна фаза, Стразбур ќе ги натера државата и општините да го платат целиот долг од над 450 милиони евра, макар и банкротирале.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира