СОБРАНИЕТО ГИ ИЗБРА МУХАМЕТ ХОЏА ЗА МИНИСТЕР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И БЕКИМ САЛИ ЗА МИНИСТЕР ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

    СОБРАНИЕТО ГИ ИЗБРА МУХАМЕТ ХОЏА ЗА МИНИСТЕР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И БЕКИМ САЛИ ЗА МИНИСТЕР ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИПо изборот Хоџа и Сали дадоа свечени изјави пред пратениците во Собранието. (Фото: К. Попов)

    Собранието денеска ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции. Веднаш по изборот Хоџа и Сали дадоа свечени изјави пред пратениците.

    Претседателот на Владата Христијан Мицкоски пред Собранието ги образложи предлозите Хоџа да биде министер за животна средина и Сали за министер за евроинтеграции.

    За Хоџа рече дека располага со долгогодишно искуство во државната управа и во извршната власт, дека е со ангажмани во повеќе институции со раководни позиции кои подразбираат одговорност, координација и работа во сложена административна и институционална средина.

    „Неговото досегашно професионално искуство обезбедува познавање на процедурите, меѓуинституционална соработка и потребата од усогласување на различни јавни политики. Министерството за животна средина и просторно планирање, има важна улога во креирањето и спроведувањето на политики поврзани со одржливиот развој, националното користење на просторот и заштитата на животната средина. За овој ресор е потребен пристап кој што ќе се темели на законитост, институционална стабилност и континуитет во работењето, што сметам дека кандидатот може да го обезбеди“, рече Мицкоски.

    За Сали кажа дека имал претходно искуство како министер, како и тековен ангажман во законодавната власт, што му овозможува јасно разбирање на односите помеѓу извршната и законодавната власт, и начинот на функционирање на државните институции.

    „Ова искуство е особено значајно за Министерството за европски прашања кое има координативна улога во процесите поврзани со европската интеграција и реформските обврски на државата. Ресорот европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите, и следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи. Очекувањето е дека кандидатот ќе придонесе кон поефикасна координација и институционален пристап во овие процеси“, рече премиерот Мицкоски.

    Од предложените кандидати, додаде премиерот, се очекува своите функции да ги извршуваат професионално, во согласност со Уставот и законите, и во рамки на надлежностите утврдени со закон.

    Изборот на новите членови на Владата следи по Локалните избори одржани во октомври, откако градоначалник на Општина Чаир стана Изет Меџити, кој беше прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира