СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА АБОРТУС, ЖЕНАТА ПАК СЛОБОДНО ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА

    СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА АБОРТУС, ЖЕНАТА ПАК СЛОБОДНО ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТАСобранието на денешната седница го усвои Законот за прекин на бременоста (Фото: СДК.МК)

    Собранието на денешната седница го донесе Законот за прекин на бременоста со кој се укинуваат административните бариери и се овозможува жената да го оствари правото за безбеден прекин на бременоста.

    „Одлуката за прекин на бременоста како посебна медицинска интервенција за која треба слободно да одлучува бремената жена, се заснова на дадена согласност свесно, без принуда од кого било и врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата. Прекинување на бременоста како и досега ќе се врши во болничка здравствена установа, која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение“, велат од Министерството за здравство.

    Со овој Закон првпат се воведува можност за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со медикаментозен метод, односно со таблета за абортирање, и во здравствена установа од примарна здравствена заштита, односно амбуланта.

    Новиот закон овозможува прекинувањето на бременоста до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или ѝ е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.

    Прекинот на бременоста може да се изврши по барање и со писмена согласност од бремената жена и по истекот на дванаесеттата гестациска недела, во случаи кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.

    „Вакво барање може да се поднесе и врз основа на научни сознанија, според кои може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, ако до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје“, велат од Министерство за здравство.

    Прекинувањето на бременоста од дванаесеттата до дваесет и втората гестациска недела од бременоста по писмено барање од бремената жена односно од родителот, односно старателот ако бремената жена е малолетна или е лишена од деловна способност, може да се изврши при што пред прекинување на бременоста докторот може да побара мислење од друг доктор специјалист од соодветна гранка на медицината.

    По дваесет и втората гестациска недела за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа, составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Ако жената не се согласува од одлуката на првостепената комисија може да се жали до второстепената комисија составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира