СОБРАНИЕТО ГО ИЗБРА АЦО РИСТОВ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА

    СОБРАНИЕТО ГО ИЗБРА АЦО РИСТОВ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКАРистов до пред еден месец беше сопственик компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали, а отстапи на друго лице откако беше предложен за претседател на Регулаторната комисија. (Фото: МИА)

    Ацо Ристов е нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). На денешната собраниска седница Ристов беше избран со 68 гласа „за“ и 15 „против“. Ристов беше градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2021 до 2025 година, а до пред еден месец беше сопственик компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали. Откако беше предложен за претседател на Регулаторната комисија, ја отстапи на друго лице неговата компанија.

    „Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Искусен менаџер со докажана експертиза во управување со комплексни градежни, енергетски и индустриски проекти, вклучително хидроелектрани, електроенергетски системи, пречистителни станици, пумпни системи и индустриска инфраструктура. Поседува силни компетенции во проектен менаџмент, техничка координација, надзор и стратешко планирање. Ристов е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија“, се вели во Предлог-одлуката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

    Пратенците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложила партиски кадар за претседател на РКЕ, а од власта рекоа дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на функцијата.

    Амар Мециновиќ од Левица рече дека Ристов не може да биде независен во раководењето на РКЕ затоа што, како што кажа, е близок соработник на премиерот. Тој најави дека ќе го оспори назначувањето на Ристов со формална претставка до Европската енергетска заедница, затоа што „ги нарушува критериумите на ЕЕЗ и не е независен, туку директно политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ“.

    Митко Трајчулевски од СДСМ рече дека Ристов е поранешен градоначалник и оти доаѓа од бизнис-секторот како сопственик на мали хидроцентрали, од што се откажува пред да конкурира за позицијата во РКЕ.

    Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПНЕ рече дека ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Истакна дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и оти Ристов ги исполнува сите можни услови што се наведени во законот.

    Поранешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимовски, поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира