Собранието на денешната седница ги усвои измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои важноста му се продолжува за уште 5 години. Оригинално донесен во 2011 година, важноста на овој закон истече во март годинава.
Според образложението на предлагачите, Владата и Министерството за транспорт и врски, продолжувањето на рокот на важноста на законот е поради тоа што има многу предмети кои се поднесени во законските рокови, но се заглавени во жалбена постапка или во постапка пред управните судови.
Со продолжување на рокот на важноста на законот, предлагачите велат дека ќе се овозможи завршување на овие предмети и заштита на правата на граѓаните кои имаат поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект.
Исто така на денешната седница, Собранието ги усвои и измените на Законот за државјанство со кои се изменуваат условите за добивање македонско државјанство.