Собранието ја изгласа Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите на Владата со 51 глас „за“ и 25 „воздржани“. Како што кажа министерот за финансии Драган Тевдовски на Комисијата за финансирање и буџет, се работи за поголеми заостанати долгови, како за големата концертна сала на Македонска филхармонија, опрема во МВР, градежни објекти на СОЗР, како ФДУ, Албански театар, театар и библиотека во Тетово, преведување и печатење стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и бесплатни учебници.
„Со оваа отплата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во наредните фискални години како резултат на избегнување плаќање камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски. Извор за покривање на овие долгови се позиции со послаба реализација и е извесно дека планираните средства нема да бидат искористени до крајот на годината“, кажа Тевдовски.
За време на расправата на пленарната седница, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски кажа дека овој предлог е дијагноза за работата на министерствата и ѝ препорача на власта при евентуална реконструкција на Владата да ја земе предвид кога ќе се одлучува кој министер треба да си оди.