Привременото тело за следење на медиумите за изборите го проби крајниот рок да се комплетира, откако четворицата членови, претходно избрани по предлог од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не успеаја да го изберат петтиот член, кој е предвидено да биде Албанец.
Сега на ред е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која денеска треба да констатира дека петтиот член не е избран и за тоа да го извести Собранието, кое ќе треба да најде решение за да не дојде до одложување на изборите, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Синоќа, откако Агенцијата за медиуми соопшти дека четворицата членови не успеале да постигнат консензус за петтиот член и меѓународниот фактор се обиде да помогне да се најде решение до крајниот рок, кој истече на полноќ.
Од предложените кандидати, во најтесен круг влегле Даут Даути и Сефер Тахири, но за ниту еден од нив четворицата други колеги не успеле да се договорат. Членови на ад хок телото, предложени од партиите се новинарите Горан Трпеноски, Слаѓана Димишкова, Љубомир Костовски и Цветин Чилиманов.