СОБРАНИЕТО НЕ ГЛАСАШЕ ЗА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ, НЕМАШЕ КВОРУМ

    СОБРАНИЕТО НЕ ГЛАСАШЕ ЗА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ, НЕМАШЕ КВОРУМПратеничката и лидер на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, беше разочарана што дел од пратениците од владејачкото мнозинство ја напуштиле салата и поради тоа немаше кворум за гласање за измените. - Поповска со министерот без ресор Зоран Шапуриќ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Собранието попладнево не гласаше за измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини поради немање кворум за работа.

    Пратениците не ги разгледаа и годишните извештаи за работата на Судскиот совет и за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2016 година.

    Пратеничката на ДОМ Лилјана Поповска, беше разочарана што дел од пратениците од владејачкото мнозинство ја напуштиле салата и поради тоа немаше кворум за гласање за измените.

    „Жалам што гледам дека ќе останеме без кворум и нема да можеме да гласаме за законот. Многу сум разочарана и изгледа ќе треба уште многу да се работи на подигање на еколошката свест“, рече Поповска.

    Пратеникот Илија Николовски од СДСМ рече дека не се согласува со предложените измени, и кажа дека со работата на рудниците не се загрозува животната средина и се почитуваат еколошките стандарди.

    Со измените на законот се предлага забрана на употреба на цијаниди и сулфурна киселина при флотација или лужење во нови рудници од отворен коп. Ова не ги засега постоечките рудници. Се бара и депонирана финансиска гаранција од идните концесионери во случај на еколошки катастрофи, како и јасно наведување на постапката во техничко-технолошки елаборат. Дополнително, се предлага продолжување на рокот за одговор од локалната самоуправа и државните институции од 15 на 60, односно 30 дена, заради поголема транспарентност.

    Пратеничката Поповска во образложението рече дека со измените се обезбедува заштита на животната средина од ризични постапки во случаи на рудници на металични минерални суровини кои се со сиромашни руди и кои применуваат ризични технологии и постапки.

    По седницата, ДОМ соопшти дека е има големо разочарување од текот на собраниската седница зашто „наместо поддршка на благороден закон кој ја штити животната средина и здравјето на граѓаните, се случи тивок бојкот од страна на поединечни пратеници. Само тие си ја знаат причината за тоа“.

    Пред девет месеци, законот го поднесоа 11 пратеници, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Мери Лазарова, Кети Смилевска, Диме Велковски и Сашо Атанасов од СДСМ, Горан Милевски од ЛДП, како и независните пратеници Ивана Туфегџиќ, Ирена Стефоска, Павле Богоевски и Ферид Мухиќ.

    „По јавната дебата во Собранието со присуство на сите заинтересирани страни, по безброј дебати на медиуми и собири, по вградување на амандмански измени според заклучоците на собраниската комисија за економија, Законот беше спремен за гласање. Во целиот овој процес постоеше соработка и недвосмислена поддршка за Законот од СДСМ и коалицијата, како и од над 40 граѓански еколошки организации и иницијативи“, велат од ДОМ и додаваат: Ние остануваме убедени дека Република Македонија треба да води сериозна грижа за заштита на животната средина и да им се придружи на земји како Германија, Чешка, Унгарија, кои ја имаат донесено забраната“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира