СОБРАВМЕ 20.000 ТЕЛЕФОНСКИ БРОЕВИ ЗА ГЛАСАЊЕ, СЕ СЛУШНА ВО НОВ ОБЈАВЕН РАЗГОВОР МЕЃУ ЈАНКУЛОСКА И СТАВРЕСКИ

    СОБРАВМЕ 20.000 ТЕЛЕФОНСКИ БРОЕВИ ЗА ГЛАСАЊЕ, СЕ СЛУШНА ВО НОВ ОБЈАВЕН РАЗГОВОР МЕЃУ ЈАНКУЛОСКА И СТАВРЕСКИПоранешната министерка за внатрешни работи на рочиште за предметот на СЈО „Титаник“. (Фото: СДК.МК)

    Во прислушуваните разговори за случаите што ги покрена СЈО пред Основниот суд Скопје 1, покрај содржините што се однесуваат на конкретното обвинение, постојано се прави муабет за предизборни активности на дел од обвинетите. Најангажирана била ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која и кога се договара за тендерот за мерцедесот од 600 илјади евра, зборува за нејзините партиски активности на терен.

    Во прислушуван разговор што беше пуштен како доказ денеска во Основниот суд Скопје 1 за случајот „Траекторија“, за изградбата на кинеските автопати, Јанкулоска на тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески му се жали дека не ѝ е добро, има вртоглавици, едвај одржала прес-конференција, ама му се фали дека обезбедила илјадници уникатни телефонски броеви на граѓани од втората изборна единица (Куманово), на кои нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ дента на изборите ќе може да им заврти и да им каже да излезат и да гласаат на локалните избори во 2013 година.

    „Цел ден се расправам со табели и списоци. Луѓево на терен си ја завршиле работата. Собраа уникатни 20.000 телефонски броеви што не се повторуваат. Проверивме, секој од нив е оригинален. Добро е ако се извадат сите 20.000, супер е. Прошлиот пат имавме 17.000 и сите ги извадивме“, му вели Јанкулоска на Ставрески.

    Во Основниот суд Скопје 1 се мачи да почне најголемиот случај на СЈО „Титаник“, кој е за изборни нерегуларности во 2012, 2013 и 2014 година. Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

    Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012, 2013 и 2014 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира